Специјална програма за талентирани студенти: УКЛО ги промовираше своите бисери

На Економскиот факултет во Прилеп минатата недела се одржа Вториот отворениот ден на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ под мотото „УКЛО и пријателите – соработката на дело“

Талентираните студенти и неформалното учење беа дел од Вториот отворениот ден на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола што се одржа минатата недела на Економскиот факултет во Прилеп под мотото „УКЛО и пријателите – соработката на дело“. Покрај раководството, професори и студенти, на настанот учествуваа градионачалниците на Прилеп и Битола, Борче Јовчески и Тони Коњановски, претставници од јавни институции, бизнис секторот и граѓански организации кои изразија подготвеност со меѓусебното поврзување да придонесат за развој на локалните заедници.

– Ова е вистинска слика на регионалниот карактер на Универзитетот. Слични активности ќе организитраме и во другите градови каде УКЛО има свои единици – рече ректорот, проф. д-р Игор Неделковски.

Проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска ги претстави двата нови проекта: УКЛО Неформално учење и Талентите на УКЛО. Во рамките на првиот проект одржани се 17 интерактивни работилници за подобрување на знаењето, вештините и компетенциите на студентите. Обуките биле структурирани во два пакета: за поттикнување на креативност, иновативност и мотивирачко опкружување за учење и работилници за поттикнување на современи истражувачки и создавачки пристап и знаење. Во активноста биле вклучени 15 академски кадри и петмина познавачи на тематски области, вработени во Стручната служба во Ректоратот.

Признанија и благодарници им беа врачени на неколку таленти на УКЛО, благодарение на проектот, „Идентификација и следење на талентирани и надарени студенти“. Тоа се: Тамара Тасеска од Економскиот факултет од Прилеп (ментор, проф. д-р Илија Христоски), Софи Гајтановска од Факултет за информатички и комуникациски технологии од Битола (ментор, проф. д-р Андријана Боцевска), Кристијан Велјановски од Факултет за биотехнички науки од Битола (ментор, проф. д-р Дијана Блажековиќ-Димовска) и Дејан Петровски од Педагошкиот факултет од Битола (ментор, проф. д-р Марија Ристевски).

– За првпат и прв во регионот нашиот Универзитет започна со организиран процес на препознавање, идентификација, работа и следење на развојот со надарени и талентирани студенти – вели Буневска-Талевска.

Талентираниот студент Велјановски рече дека благодарницата е голема чест за него и го бодри и поттикнува повеќе да вложува во својата кариера, да придонесува за својот факултет, универзитет, град и држава.

– Како и сите студенти, сум размислувал да живем во друга држава. Но, ова ми покажа дека има навистина добри луѓе во државата кои мотивираат да правиш добрини за својата држава, за сите да имаме добро место за живеење. Гледам светла иднина за државата и знам дека оваа визија може да биде вистина, но треба сите заедно да работиме и да се поддржуваме – рече тој.

Таленираната студентка Тасевска верува дека секој има некаков вроден талент, способност или вештина, а за успехот потребно е 1 отсто талент, 1 отсто среќа и 98 отсто напорна работа, посветеност и дисциплина.

– Затоа ги поттикнувам сите студенти кои имаат јасно одредена цел, да не се плашат да ја реализираат. Секој вложен труд повеќекратно се исплаќа, на овој или оној начин – вели Тамара.

Програмата за талентирани студенти е реализираната во соработка со професорот Љупчо Кеверески од Педагошкиот факултет од Битола, еден од авторите на Правилникот за надарени и талентирани студенти на УКЛО реализирана е активност „Средба со талентите“. Формирана е фокус група од 17 студенти на кои било спроведено тестирање. Опфатени се студенти од едининците на УКЛО кои постигнале просечен успех во студирањето повисок од девет. Одржан е и вебинар „Надарените и талентираните – креатори на прогресот“ во кој беа вклучени и други релевантни клучни институции: МОН, УКЛО со Педагошкиот факултет – Битола, Универзитетот Ново Место од Словенија и Македонската асоцијација за надарени и талентирани. Формиран е и посебен Стручен тим на чело со професорот Кеверески како врвен експерт во областа, за да се следи нивниот напредок, и поуспешно да се поддржуваат и поттикнуваат во нивната извонредност.

Борче Јовчески, Игор Неделковски и Тони Коњановски (од лево кон десно)

На Отворениот ден беше промовирана и Универзитетска летна пракса воведена лани во соработка на УКЛО со Општина Битола. Градоначалникот Коњановски рече дека општинскиот буџет издвоиле 500.000 денари, а летната пракса, успешно ја завршиле повеќе од 30 студенти. Ректорот Неделковски и прилепскиот градоначалник Јовчески потпишаа меморандум за соработка и се заложија за подобрување на едукацијата и претприемништвото неопходни во градењето на локалната заедница. Во оваа академска година, Општина Прилеп додели 20 студентски стипендии.

(В.И.И.)
Фото: УКЛО

Сподели