На големата сцена на Македонскиот народен театар вечерва во 20 часот премиерно ќе биде изведен сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МNT“, во режија на Дејан Пројковски. Со тоа ќе бидат одбележани 80 години од постоењето на Македонскиот народен театар.
Претставата е спој на минатото и сегашноста преку клучните вредности на МНТ – љубов, умeтничка храброст, посветеност, визија, тимска работа, чување на традицијата и создавање нови вредности за иднината. Претставата е аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност. Емотивна приказна посветена на големите актери, режисери, драматурзи и на сите оние професионалци зад кулисите, задолжени за создавањето на сценскиот универзум во МНТ.
Во претставата учествува огромна актерска екипа од ансамблот на Македонскиот народен театар, оперски пејачи и актери и студенти по актерска игра од Факултетот за драмски уметности и Еуропа Прима во кореографија на Олга Панго и асистент на кореографот Ирена Лозинска. Асистент на режија е Андреј Цветановски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, за костимите е задолжена Марија Пупучевска, музиката е на композитор: Горан Трајкоски и дизајнер на 3Д-видеомапинг е Сергеј Светозарев.

Публиката ќе биде дел од големо патување во театарот на сонцето. Големиот сценски спектакл ќе спои повеќе изразни средства со акцент на 3Д-видеомапингот. Идејата е преку создавање мултимедијални сцени на оригинален начин, пред сѐ, преку силно визуелен израз да се раскаже 80-годишното театарско постоење на МНТ.
Сценскиот перформанс е инспириран од сѐ она што е важно, амблематично и препознатливо за Македонскиот народен театар, за македонската култура и традиција и за Македонија, воопшто.
„Перформансот е големо патување низ националната драма и сите основоположници на македонската драма и литература. Во претставата ќе бидат претставени сценски слики од највпечатливите моменти на сите големи автори на големата драматика, како и сите оние слики што се втиснати во колективната меморија и традиција. Претставата е аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза, песна и ликовна уметност. На сцената преку уметничката визија ќе видиме сценски слики што се значајни за нашиот идентитет, преку кои создаваме мозаик од музика, поезија, приказни, кои го направиле МНТ столб и чувар на нашата култура и традиција“, вели режисерот Пројковски.
Насловот „Сонцето, колку е блиску сонцето“ е преземен од првата изговорена реплика на сцената на МНТ со која на 3 април 1945 почнува работата на театарот.

– Се одлучивме дека тоа е најадекватното име, зашто таа прва реплика го отвори бескрајот, го отвори универзумот наречен МНТ и таа реплика нè води низ целата претстава која е рефлексија на сè она што е МНТ. Создаваме уметнички перформанс кој повеќе се занимава со театарот и со играта како феномен, многу помалку со фактографија затоа што и не ни е тоа намерата на претставата. Се обидуваме да се присетиме дека во Македонскиот народен театар се родиле и „Буре барут“, „ММЕ кој прв почна“, „Среќна Нова ‘49“, „Кенгурски скок“, „Макавејски празници“ и голем број други култни претстави кои се дел од темелот на она што денес се нарекува современ МНТ, истакна Пројковски.
Претставата во траење од два часа и 15 минути ги опфаќа и препознатливите народни приказни и митови, пр. Силјан Штркот, елементи на античката трагедија со рефлексии на Сердарот, Болен Дојчин…, дел посветен на македонската поезија и драма, при што, рече Пројковски, дури и битовата драма и постарите драмски дела ќе прозвучат современо. Со примена на режисерски методи и преку пристапите на Брехт, Мејерхољд, Станиславски, се обидуваат, рече, да создадат современ контекст на целата драматургија.
– Најважно е што направивме претстава да биде достојна на 80-годишниот јубилеј на МНТ и на сите актери, режисери, драматурзи кои го поминале својот живот во МНТ и ние како нова генерација сме должни да ја оддадеме таа почит, вели режисерот.





