Социјална работа – тешка професија која во Македонија честопати е погрешно сфатена

Семејството, кое отсекогаш било основна клетка на општеството, слабее поради појавата на бројни фактори кои ја нарушуваат неговата стабилност, а неговата нефункционалност е од каде потекнуваат сите наши работни задачи, пишува Дамовски по повод 10 Јуни, Ден на социјалните работници во Македонија

Пишува: М-р Андон Дамовски, дипломиран социјален работник и магистер по социјална политика

Како и секоја година, така и оваа социјалните работници во јуни го прославуваат Денот на социјалната работа во Македонија. Овој ден се фокусира на придонесите на социјалната работа во македонското општество и е дел од континуиран дијалог за тоа како да се справиме со социјалните предизвици.

Синоним за социјалната работа е „хуманоста на дело“. Хуманоста е активен однос кон човечките вредности, особено кон другите луѓе. Хуманоста особено подразбира грижа за луѓето кои не се во состојба да ги задоволат своите основни човечки потреби. Социјалната работа освен што е практична, е препознаена и како научна дисциплина. Иако како научна дисциплина е релативно млада (од крајот на 19 век), човечката аспирација за општа благосостојба и добротворност, како јадро на социјалната работа, е стара колку и човечкиот род. Важна карактеристика на професионалната социјална работа е нејзината мултидисциплинарна научна основа. Социјалните работници им помагаат на луѓето да се соочат со многу предизвици, можат да влијаат врз животот на човекот за да се промени од корен. Социјалните работници ја извршуваат својата професионална улога и должности на барање на лица кои сметаат дека им е потребна таква помош, како и врз основа на лица од социјалната средина.

Улогата на социјалните работници е мултидисциплинарна. Луѓето бараат помош од социјален работник затоа што се ранливи на тешкотии кои можат да бидат различни – од семејни и здравствени проблеми, до разни видови зависност, криминал, сиромаштија, невработеност, намалување или губење на работните вештини, возраст, попреченост, несакана бременост, девијантно однесување, конфликти во семејството, што може да резултира со крај на заедничкиот живот, злоупотреба на деца или брачен другар… Сепак, без разлика на мултидисциплинарноста, професионалната етика и законските прописи ги одредуваат обврските и должностите на социјалниот работник.

Освен стручност, социјалните работници мора да имаат високо развиени компоненти на емоционалната интелигенција, а особено социјалната компонента – емпатија и социјални вештини, за да можат да ги разберат и поддржуваат другите, успешно да комуницираат, преговараат, водат и поттикнуваат промени, развиваат тимска работа. Аспектот на кариерата што предизвикува најголемо задоволство за еден социјален работник, е помагањето на луѓето кои се борат со проблеми во нивниот секојдневен живот.

Покрај придобивките што може да ни ги обезбеди професијата социјална работа, таа со себе носи и одредени негативни квалитети кои обесхрабруваат многумина да се занимаваат со неа. Социјалната работа е емоционална работа. Професионалецот мора да биде трпелив и да не дозволи да биде обземен од емоциите на личноста на која и помага, што може да биде многу исцрпувачко, а често може да дојде до прекршување на границите помагајќи, кога професионалецот е обземен од чувствата. Преку професијата, социјалниот работник ќе има можност да биде сведок на многу непријатни ситуации и состојби, патологии, дури и оние кои вклучуваат насилство, кое може да предизвика посттрауматски нарушувања. Социјалниот работник, исто така, често може да се чувствува фрустриран поради неможноста да помогне на начинот на кој планирал, а понекогаш и воопшто нема да може да помогне на одредена индивидуа, што може да биде многу стресно.

Сепак, и покрај големите напори и посветената работа, ниту социјалните работници не можат да „избегнат“ од стереотипите. Предрасудите за социјалната работа и социјалните работници кои постојат во општеството може да се поврзат со недоволните информации и фактот дека општеството создава слика за нивниот ангажман и активности врз основа на написи во весници и филмови во кои социјалните работници се прикажани во негативно светло. Предрасуда е и тоа што корисници на услуги од социјална работа се само сиромашни луѓе, а основната задача на социјалниот работник е да дава материјална помош. Социјалните работници во најголем дел работат во државни институции согласно чии ресурси и параметри се принудени да постапуваат. Точно е дека работата на социјалниот работник во голема мера е од административно-административна природа, но причината за тоа не е карактерот на социјалната работа како професија, туку ограничувањата во прикажувањето на реалниот карактер на професијата, кои се однесуваат на фактот дека од социјалните работници се бара брзо решавање на сложени проблеми (кои најчесто ги надминуваат можностите, расположливите средства и овластувања на професијата). Тогаш, социјалните работници се обземени од бројот на случаи, „просторот“ што го покриваат, што неминовно ги води кон шематизам. Дополнително, тие се недоволно обучени за превентивни активности, без кои нема успешна социјална работа и социјални активности. Социјалните работници имаат на располагање скромни материјални средства, облици и видови мерки и можности за решавање на социјалните проблеми.

Социјалната работа, е професионална дејност која како мултидимензионална дисциплина делува во повеќе области: социјална работа во институциите за социјална заштита, социјална работа во здравството, социјална работа во образованието, социјална работа во агенции за вработување, социјална работа во социјално-хуманитарни организации, социјална работа во стопанството и невладини организации во приватна пракса врз основа на соодветни прописи.

Кога се зборува само за професијата социјална работа, често се добива впечаток дека оваа професија е најпрепознатлива во делокругот на работа во центрите за социјална работа. Ова не е случајно, имајќи предвид дека Центарот е основна установа за социјална и детска заштита, во која работат професионалци од различни, но сродни професии и придонесуваат во градењето на заедницата преку обезбедување мерки и услуги на социјална и семејно-правна заштита на граѓанин, со сите можности и капацитети.

Коментирајќи ги основните постулати кои ги водат социјалните работници во нивната работа, се истакнува дека „одговорноста, непристрасноста, самoпожртвуваноста, тимската работа и желбата за промени на подобро се всушност само дел од мотивите кои ги водат експертите на вистинскиот пат – заштита на најдобрите интереси на клиентите. Во времето во кое живееме, наидуваме на нарушени вредносни системи. Семејството, кое отсекогаш било основна клетка на општеството, слабее поради појавата на бројни фактори кои ја нарушуваат неговата стабилност, а неговата нефункционалност е од каде потекнуваат сите наши работни задачи.

Од тие причини можеме да заклучимер дека оваа професија носи голема одговорност, обврска и тежина поради природата на работата. И покрај тоа, нема поголема среќа и задоволство кога на крајот од работниот ден социјалниот работник ќе сфати дека некому му го разубавил денот и му дал сила и надеж да си го реши проблемот и да ги надмине тешкотиите.

Фотографија: Министерство за труд и социјална политика

Сподели