Со премиера на претставата „Госпоѓа министерка“ во режија на Синиша Евтимов, вечерва во 20 часот во Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ќе започне 4. издание на Театарскиот фестивал „5РЕ“, посветен и во чест на доајенот на македонското глумиште Петре Прличко родум од Велес.
Воедно, со изведбата на претставата „Госпоѓа министерка“, каде што улогата на госпоѓа министерка ја игра актерката Зорица Панчиќ која годинава одбележува 30 години театарска дејност и работи во велешкиот театар, ќе се одбележи 27 Март, Светскиот ден на театарот.
Во претставата ќе играат и помладите актери од ансамблот: Tалија Настова, Симона Димковска, Славица Манаскова, Жарко Спасовски, Фаик Мефаилоски, Исидор Јовановски, Благојчо Стојанов, Стефан Николовски, Филип Христовски и Кире Ацевски.
Сценографијата е на Мартин Манев, а костимографка е Илина Ангеловска.
Освен театри од земјава, годинава на фестивалот за првпат ќе учествуваат и театри од Србија и од Црна Гора. На затворањето на фестивалот, на 16 април, за првпат ќе бидат доделени награди за најдобра женска и машка улога, за најдобра претстава и најдобра режија, а наградата е плакета со ликот на Петре Прличко и благодарница.
Фестивалот е во организација на Здружението „Плус публика“, а финансиски е поддржан од Министерството за култура и туризам и од Општина Велес.





