„Приказната на Електра“ од Димоски во режија на Пројковски го затвора Охридско лето

Со европска премиера на театарската претстава „Приказната на Електра“ од Сашо Димоски во режија на Дејан Пројковски вечерва во 21 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде затворен фестивалот Охридско лето. Претставата е копродукција помеѓу Театарска асоцијација на Јужна Кореја, театарската лабораторија „Артема“ и фестивалот Охридско лето.

– Оваа инсценација на митот за Електра создава универзален сценски јазик чија парадигма се потпира на синтезата меѓу силните аудиовизуелни слики, говорот на телото и минималниот јазичен текст – велат од Фестивалот.

Митот за Електра, кој во својата основа ја има одмаздата на децата за убиениот татко, насочена кон сопствената мајка, одново ќе ги донесе на сцената вечните етички теми кои ги тангираат семејните релации, општествените корозии и потребата од катарза.

Улогите ги толкуваат: Ким Чоин – Електра/Ифигенија, Ким Сеонг-ми – Клитемнестра/Касандра, Чои Минхјук – Орест, Јанг Мин Ки – Агамемнон и Ха Џин – Егист.

Дејан Пројковски и Сашо Димоски ја започнаа својата соработка во 2022 година со претставата „Инферно“, базирана на „Пеколот“ од Данте Алигиери во продукција на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес. Лани заедно ја реализираа „Демони“, адаптација на романот на Фјодор Достоевски, која како продукција на Националниот театар во Дебрецин, Унгарија, беше прогласена за најдобра претстава на сезоната во категоријата драма, опера, балет.

Претходеше „Собирачи на пердуви“ во 2023 година, претстава базирана на сценариото на Александар Петровиќ од истоимениот култен филм. Оваа мегапродукција на Српскиот народен театар од Нови Сад ја освои првата награда на фестивалот „Театар во тврдината“ во јуни 2024 година во Смедерево. Истата година ја изведоа и претставата „Рацин“, посветена на животот и делото на Кочо Рацин која имаше премиера на Охридско лето и освои три награди на МТФ „Војдан Чернодрински“.

Сподели