Од 17 до 23 февруари ќе бидат прикажани седум претстави и ќе се одржи панел-дискусија „Од Кир Јања“ до „Ученикот“
„Недела на театарот“ е насловена манифестацијата со која ќе биде одбележан јубилејот – 75 години од формирањето на театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Од 17 до 23 февруари ќе бидат прикажани седум претстави и ќе се одржи панел-дискусија „Од Кир Јања до Ученикот“. Освен претставите „Ученикот“ и „Бура“ од театарот „Војдан Чернодрински“, прилепската публика ќе ги проследи гостувањата на Театарот за деца и младинци „Роња, ќерката на ограбувачот“), театарот „Златен Елец“ („Хинкеман“), Велешкиот театар („Вечера за глупаци“), Битолски театар („Кокошка“) и на МТЗ („Чернодрински се враќа дома“).

Првата премиера на сцената од театарот „Војдан Чернодрински“ е „Кир Јања“ од Јован Стерија Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски. Досега театарот прикажал околу 350 премиери со над 7.000 претстави кои ги гледале повеќе од 1,7 милиони луѓе. Режирале 70 режисери, од кои најмногу, дури 62 претстави биле потпишани од Благоја Дамески, 24 од Коле Ангеловски, 15 претстави режирал Кирил Петрески. Најмногу од авторите е поставуван Бранислав Нушиќ, 15 пати, од кои три пати „Нажалена фамилија“.
– Во седум и пол децениското опстојување, најгледаната претстава во театарот „Војдан Чернодрински“ е „Солунски патрдии“ од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски. Премиерата била во 1984 година, а изведена е над 110 пати. Веднаш по неа е „Од кол на кол 1“ (2007/2008), исто во режија на Коле Ангеловски – велат од театарот.

Сцена од „Кир Јања“
Најголем успех театарот го постигна со „Тапани во ноќта“, режија Мартин Кочовски, со која освои три награди на фестивалот МЕСС во Сараево и беше победник на 44-тото издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ (2009). „Кавкаскиот круг со креда“ во режија на Мартин Кочовски, во 2011 година беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот „Екс Понто“ во Љубљана, Словенија, а потоа и за најдобра претстава на МТФ „Војдан Чернодрински“.

Сцена од „Тапани во ноќта“
Театарот „Војдан Чернодрински“ низ годините на сцената поставуваше праизведби на текстови од македонски драмски автори. Низ летописот на театарот е забележано дека првиот драмски текст од македонски автор игран на сцената е „Бегалка“ во режија на Аце Михајловски, реализиран уште првата година од постоењето на театарот, текст којшто бил поставуван уште неколку пати. Праизведби доживеале и драмските текстови од Коле Чашуле, Томе Арсовски, Блаже Алексоски, Благоја Ристески-Платнар, Трајче Крстески, Василе Димески, Петар Петрески и други. Биле поставувани пиеси од Васил Иљоски, Ристо Крле, Антон Панов, Горан Стефановски, Јордан Плевнеш, Блаже Миневски, Никола Јонков Вапцаров, Живко Чинго, Братислав Димитров, Бранко Илиески…

Сцена од „Дупло дно“
Театарот „Војдан Чернодрински“ низ годините освоил повеќе награди на МТФ „Војдан Чернодрински“. Минатата година се закити со наградата од публиката за претставата „Дупло дно“ во режија на Наташа Поплавска. Претставата „Клетници“ во режија на Мартин Кочовски, беше прогласена за најдобра во 2018 година. „Љубовни пози на историјата“ во режија на Наташа Поплавска се закити со наградата за колективна игра (2017). Истата награда во 2015 година беше освоена со претставата „Сон на летната ноќ“ во режија на Нела Витошевиќ.
Во 2013 година „Змејовата невеста“ во режија на Витошевиќ беше прогласена за најдобра претстава во целина, а во 2010 година „Кавкаскиот круг со креда“ на Кочовски. Театарот „Војдан Чернодрински“ беше победник на МТФ и во 2009 година со „Тапани во ноќта“ во режија на Мартин Кочовски. Во 1998 година престижната награда беше доделена на претставата „Полковникот птица“ во режија на Владо Цветановски, а во 1972 година на „Цена“ во режија на Ацо Алексов. Првата награда освоена на МТФ „Војдан Чернодрински“ е во 1970 година за претставата „Од главата си патиме“ во режија на Ацо Алексов.
Насловна фотографија: Сцена од „Солунски патрдии“





