Со 10 учесници Македонија ја има најбројната делегација на Филмскиот фестивал Џифони во Италија

Меѓу 6500 учесници од триесетина земји, Македонија и н 53. издание на Филмскиот фестивал Џифони е застапена со најбројна делегација. Фестивалот се одржува од 20 до 29 јули во Џифони Вале Пјана, а десетмина претставници на возраст од 14 до 19 години беа избрани меѓу најактивните учесници на последното издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“.

Калина, Бисера, Максим, Јован, Бојана, Чејс, Дамјан, Летиција, Лина и Тео овие десет дена се дел од големото меѓународно жири кое гледа најнови филмови од светската филмска продукција за деца и млади и ќе ги избере најдобрите остварувања за оваа година.

Џифони е најголемиот филмски фестивал за деца во светот. Освен филмовите, за младите учесници се организирани и бројни други активности, средби со режисери, продуценти и глумци, како и богата музичка програма. Фестивалот секоја година се одржува во јули, како централна манифестација со која се крунисуваат бројните активности на големото семејство Џифони што се организираат во текот на целата година ширум светот.

Со своето 11 издание што ќе се одржи во октомври годинава, „Џифони Македонија“, како горд член на семејството Џифони и единствен фестивал надвор од Италија што го носи тоа име, повторно ќе приреди единствено филмско доживување за околу 600 учесници од Македонија и од странство.

Сподели