Во моето патешествие имаше крстосници – за ука, наука, право, социологија, атомска физика, а Снежана одлучи да замине на театарска академија – ФДУ. Требаше да одлучи што – радио, ТВ, театар? Професорка на ФДУ или актерка во МНТ? Спикер-водител во МРТВ – актер? Актер – режисер? Со годините сè се вткаи во мене.
Отворена, непосредна, директна, со младешки темперамент и енергија. Актерката, режисерка и авторка Снежана Коневски Руси е една од панелистите на 3. издание на конференцијата „Чувари на мудроста“, во организација на „Халкбанк“. На настанот, кој ќе се одржи на 28 мај на Економскиот факултет – Скопје, Коневски-Руси пред младите и студентите ќе говори за театарот наречен живот, за инспирацијата и поривот да се биде во една професија повеќе од пет децении, за одржувањето на енергијата на умот. Учеството е бесплатно и отворено за сите, но заради ограничениот капацитет, неопходно е пријавување на присуството со пополнување онлајн-формулар за регистрација на следниот ЛИНК.
Нашата еминентна актерка на претстојниот 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп ќе ја прими наградата за животно дело.

Во пресрет на конференцијата, таа ни одговори на неколку интересни прашања.
Што беше главниот порив што Ве движеше низ годините за да опстанете на театарската сцена повеќе од 50 години?
– По овој изминат временски период, можеби лесно е да кажеш одев по својот зацртан пат… Дали бил од мене трасиран? Можеби некои делови од патот – да, од мене, но нагласувам и дел од моите први учители, наставници, професори, лектори, академици, писатели, поети, режисери, ветерани актери (слушатели, посетители), најмалку родители. И во моето патешествие имаше крстосници – за ука, наука, право, социологија, атомска физика, а Снежана одлучи да замине на театарска академија – ФДУ. Требаше да одлучи што – радио, ТВ, театар? Професорка на ФДУ или актерка во МНТ? Спикер-водител во МРТВ – актер? Актер – режисер? Со годините сè се вткаи во мене.

Ако имавте можност да отпатувате во минатото, што би ѝ порачале на 20-годишната Снежана?
„Немој да се каеш
за улавштините,
само преку нив животот се открива
само преку нив допираме
до убавините,
што инаку разумот
со сивило ги покрива.“
Цитат од Конески („Улавштини“) кој отсекогаш го следам, почитувам и пренесувам.

Кои се главните карактеристики што треба да ги поседува еден млад човек за да успее да ги реализира своите соништа?
– За да реализираш една улога, не постои одреден рецепт. За да оствариш една своја цел, исто така нема точен рецепт. За да оствариш еден свој сон – без одредени состојки не е можно. За мене, за остварување на целта или сонот, како што велите вие, нужни се, пред сè желба, љубов (сакање), истрајност, работливoст, издржливост.

Дали може да издвоите некој совет или порака кои задолжително ќе ги споделите со младите што ќе дојдат на конференцијата „Чувари на мудроста“?
– Задоволството во работата дава совршенство во делото.
Што е пријателство – една душа, којашто населува две тела.
Енергијата на умот е суштина на животот.
Денот без насмевка е изгубен ден.
Секоја насмевка ве прави еден ден помлади.
Инспирацијата доаѓа само за време на работата.





