„Слугинки“ во режија на Теодора Силјаноска ќе гостува во Цетиње

Претставата „Слугинки“ во режија на Теодора Силјаноска в среда на 12 март (20 часот), ќе гостува на Деновите на независниот театар во Кралскиот театар Зетски дом – Цетиње, Црна Гора. Претставата е во продукција на Театар Вортекс. И годинава се избрани иновативни и независни театарски продукции од регионот, кои нудат нови перспективи, па во својата селекција имаат 8 различни претстави од Хрватска, Словенија, Србија, Црна Гора и од Македонија.

Претставата ги истражува човековите искуства во светот обликуван од хиерархии и борба за моќ, во кој индивидуата често се чувствува заробена во рамките на социјалните правила. Преку спој на гротеска и реалност, „Слугинки“ го прикажува секојдневието на луѓето кои, и покрај сите свои ограничувања, продолжуваат да се борат за личната смисла и да се смеат на сопствената стварност.

Актерската екипа, составена од Марија Цветановска, Кристина Гиева и
Ванеса Тримчевска, преку динамична актерска игра ја пренесува тензијата помеѓу личните желби и општествените очекувања. Сценските движења се на
Александра Вељковиќ, додека сценографијата, костимите и изборот на музика се на
Теодора Силјаноска. Визуелниот идентитет на претставата, вклучувајќи ја фотографијата и дизајнот на плакатот, е дело на Михаил Велески.

Претставата „Слугинки“ е поддржана од Министерството за култура во 2023 година.

Сподели