Словенечката писателка Симона Хамер помина уметнички продуктивен и културно инспиративен месец во Скопје

Словенечката писателка, драматург и драмска авторка, Симона Хамер, е последната гостинка што престојува во Скопје на циклусот книжевни резиденции за 2025 година, што го организира издавачката куќа „Готен“, поддржан од европската мрежа за преводи и книги „Традуки“. Нејзиниот прв роман, „Цимери“, штотуку беше објавен во август 2025 година од „Цанкарјева заложба“. Така, книжевната резиденција дојде во вистинскиот момент за нејзиното почнување на својот нов текст.

„Мојот месец во Скопје е уметнички многу продуктивен и културно инспиративен. Моментално работам на драмски текст за група аматери орнитолози кои се борат против корпорации, инвестициски фондови и политичари за парче земја кое е исто така дом на загрозена птица. Запознавањето со ситуацијата во врска со зачувувањето на природата, урбанистичкото планирање и заштитата на дивиот свет во Македонија (особено во Скопје) беше многу мотивирачко за мене и имаше големо влијание врз приказната и општиот тон на претставата. Бидејќи сакав да да истражам креативни опции меѓу комедија и апсурд, уживав гледајќи ги претставите во Театар комедија (особено „Аматери“ и „Тарзан“, бидејќи обете претстави се занимаваат и со актуелни социјални и еколошки прашања)“, вели Симона Хамер за своите цели од престојот.

За време на престојот во Скопје, Симона Хамер ги продлабочи контактите со своите колеги од театарската и книжевната сцена. Таа се сретна со македонски издавачи, со професори од Факултетот за драмски уметности и со претставници на неколку театарски куќи како што се Драмски театар и Театар Комедија. Таа размени мислења за идни преводи со реномираните преведувачи Дарко Спасов, Иванка Апостолова Баскар и Винсент Вилчник, кои се залагаат за македонско-словенечка културна соработка.

„Исто така, присуствував на регионалниот театарски фестивал РУТА – одлична платформа за поврзување на театарски професионалци од балканскиот регион и пошироко. Многу сум благодарна што можам да ја доживеам културната сцена на Скопjе; да научам повеќе за нејзините продукциски предизвици, теми од интерес и актуелни прашања, да го
проширам мојот литературен и театарски хоризонт и да воспоставам меѓусебна потреба за поврзување и културна размена“, заклучува Хамер за резултатите од нејзиниот престој во Скопjе.

Хамер студирала драматургија и сценски уметности на Академијата за театар, радио, филм и телевизија (Универзитет во
Љубљана) и е добитничка на наградата на Универзитетот „Прешерн“ за нејзините академски достигнувања.

Како драматург и авторка, таа е ко-креаторка на повеќе од четириесет театарски претстави и радио драми, освојувајќи неколку награди на театарски фестивали во Словенија и во странство. За нејзината драматуршка работа е наградена со Национална награда за најдобра претстава (Разгледници или Стравот е шуплив одвнатре и празен однадвор, 2017),
најдобро либрето (Цимери, 2019) и номинирана за најдобра претстава (Сè е во ред, 2020). Нејзините драми, адаптации и драматизации беа поставени во СНТ Драма Љубљана, СНТ Нова Горица, Куклен театар Љубљана, Градски театар
Љубљана, Младински театар, Прешернов театар Крањ и на Словенечкото национално радио. Нејзините драми (со теориски студии) беа објавени во книги (Драмобер 2008, Драмобер 2009, Чинот, Трето читање, 2011), книжевни
и научни списанија (Teater der Zeit, Литература, Содобност, Ноември, Дијалози), и се преведени на англиски, германски, српски и хрватски јазик.

Нејзините драми веќе беа претставени во Германија (Deutsches Theater Berlin, Lettrétage Берлин, фестивалот Neue Stücke aus Europa Визбаден), Австрија Чешка, Србија (Sterijino pozorje), САД, Хрватска и Италија.

Хамер е основач на словенечката иницијатива за современа драматургија „ПреГлеј“ и член на одборот на Одделот за драма (дел од Словенечкото здружение на драмски уметници). Како ментор за креативно пишување и драматургија, таа водела бројни работилници и курсеви и дизајнирала платформа за млади писатели во СНТ Драма Љубљана (2018-2021).

Хамер е четирикратен добитник на стипендија за литература од Словенечката агенција за книги (2018, 2020 и 2021, 2024) и беше избрана од словенечкото Министерство за култура за уметница во резиденција во Њујорк (јуни-јули
2014), Берлин (јануари 2018) и Виена (декември 2022). Таа беше уметница во резиденција во Вила Јоана, Барселона (Програма за резиденција Град на литературата на УНЕСКО) во 2024 година. Хамер, исто така, пишува и објавува кратки раскази.

Сподели