„Вибрантен сликопис“ е насловот на изложбата на цртежи и слики од Владимир Величковски која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Величковски својата прва самостојна изложба на слики ја организирал токму пред 50 години во тогашните простории на Домот на младите „25 Maj“, што се совпаѓа со минатогодишниот јубилеј на институцијата.
Величковски црта од дете, кога почнува и да ги изложува своите творби. Црта и слика во моменти на страсна потреба за изразување на сопствените внатрешни доживувањеа и надворешни сензации во кои се испреплетуваат и моменти на сеќавање. Слика „во еден здив“, но под импресија и со емоција со уверување дека со непосредната обработка на мотивот може да се постигне сугестивна свежина на звучен колорит и специфичен танцов ритам на целата структурна и сликовна претстава.
Величковски (1949, Скопје) e сликар, историчар на уметноста, универзитетски професор, ликовен критичар. Значаен е во 80-те години за проблематизирањето на новите појави во македонската ликовна уметност. Дипломирал (1974) и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје (1997), а магистрирал на Филозофскиот факултет во Белград (1985). Од 1976 до 1977 година бил на студиски престој во Париз. Бил професор по предметот „Современа светска и македонска уметност“ на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и на Меѓународното здружение на ликовни критичари.





