„Славит природата“ – изложба на Емилија и Стојче Тоциновски во Куманово

„Славит природата“ е насловот на изложбата од Емилија и Стојче Тоциновски отворена во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Тие се претставуваат со 30-тина слики работени во техниката акрил на платно. Според историчарот на уметноста Роберт Цветковски, редок феномен е двајца уметници да работат на едно платно и во една симбиоза го креираат финалниот продукт.

– Уникатниот пристап, изборот на теми како и нивната интерпретација – сите овие елементи инкорпорирани во нивното творештво – ги прави препознатливи и автентични за поширокиот аудиториум. Во оваа изложба темата е природа персонифицирана најчесто во вид на стилизиран планински пејзаж или оголено дрво, коишто се чести лајтмотиви во овој циклус и на истите подоцна се додаваат разни елементи со наративна или илустративна намена – пишува Цветковски.

М-р Емилија (1973) и д-р Стојче Тоциновски (1974) се академски ликовни уметници. Како сопружници и уметници од 2011 година заедно творат создавајќи препознатлив естетски свет и уметничка постапка. Инспирацијата е натурализмот пренесувајќи го исконското во нив. Дрвјата и планините се нивен личен печат и ги има во сите нивни уметнички дела. Учествувале на многу групни изложби, а реализирале 15 самостојни изложби во Македонија, Хрватска и во Црна Гора. Живеат и работат во Скопје. Изложбата во Куманово ќе биде отворена до 15 април.

Сподели