Вкупниот буџет за музејот е 13.260.000 денари. Најголемиот дел, односно 10.350.000 денари, се наменети директно за музејска дејност и заштита, вели директорката Магдалена Манаскова
Скопското Кале е најголемиот инвестициски проект на Археолошкиот музеј на Македонија гидинава, а ќе се работи со буџет од 3.140.000 денари. Предвидено е конечно да се отворат Музејот на праисторијата и Музејот на османлиското наследство на скопската тврдина. Ова е дел од вкупниот буџет за оваа година кој изнесува вкупно 13.260.000 денари. Најголемиот дел, односно 10.350.000 денари, се наменети директно за музејска дејност и заштита.
Директорката на музејот, Магдалена Манаскова вели дека годишната програма поддржана од Министерството за култура и туризам е стратешки патоказ дефиниран со истражувања преку теренски активности, заштита и презентација преку конзервација, нови поставки и меѓународна соработка и одржливост преку унапредување на инфраструктурата.

Археолошки музеј
– Годинава ќе работиме на 16 археолошки проекти низ државата. Во центарот на археолошките активности се издвојуваат две капитални истражувања: доистражувањето на римскиот каструм на локалитетот Исар во село Марвинци, Валандово и систематските истражувања на некрополата од архајскиот период во струшко Корошишта – вели Манаскова.
Во делот на научниот пристап и иновациите, фокусот е насочен кон локалитетите Голема Пешт, во селото Здуње каде ќе се примени интегриран пристап кон палеоклиматолошки и археолошки истражувања, археолошки и интердисциплинарни истражувања на некрополата Мали Дол, кај Тремник, Неготино, како и кон виртуелната реконструкција на неолитска куќа од Тумба Маџари. – Така ќе се овозможи дигитална VR презентација на неолитска куќа и на артефактот „Голема Мајка“ во рамките на постојаната музејска поставка – објаснува Манаскова.
Археолошки истражувања ќе се спроведуваат и на бројни други локалитети, меѓу кои неолитската населба Споменик (Атици), кај село Црничани (Дојран), Ограѓе во село Орман (Скопје), подводни археолошки и интердисциплинарни истражувања на локалитетот Врбник (Струга), Градиште во Долно Лакочереј (Охрид), римската некропола К’шла, село Коњух, Големо Градиште – Коњух, Виничко Кале (Виница), Стакина Чешма ( Валандово), наколната населба Пенелопа (Охрид), Градот, село Горни Дисан (Неготино), Тумба Сред Село, село Дренок (Пробиштип).

Стакина чешма – Валандово
Ќе се изврши археолошко рекогносцирање на локалитетите на Македонскиот фронт од Првата Светска Војна на планината Беласица, тумуларните некрополи долж Вардар и Брегалница и археолошки преглед на теренот на територијата на општините Берово и Кратово.
Од проектите за конзервација и заштита на движното културно наследство, ќе продолжи заштитата на археолошкиот материјал од локалитетот Расница, село Корошишта и непосредната заштита на музејски предмети од збирката епиграфика и камена пластика.
– Нов проект од оваа област е конзервацијата, реставрацијата и изложувањето во постојаната музејска поставка на поден мозаик од Карата Маала, Валандово. Ќе продолжи и проектот за формирање на компаративна археозоолошка збирка – вели Манаскова.
Музејот ќе работи на два проекта од областа на меѓународната соработка: интердисциплинарниот проект „Под слоевите на времето – Исар Марвинци, патување низ животот, смртта и наследството на еден древен град“ и изложбата „Пајонските бронзи како симбол на женската моќ“ со вклучено технолошко усовршување и нови методи во презентацијата на археолошкиот материјал.
Од областа на издаваштвото, предвидене монографијата „Дебој, животот во Лихнид во античко време преку некрополата“ на д-р Перо Арџанлиев, „Зброник на Археолошки музеј бр. 16“ и „Македонски нумизматички гласник 7“.

Тумба Маџари – Скопје
Заштитата на недвижното културно наследство ќе се спроведе преку популаризација и тековна заштита на археолошкиот локалитет Тумба Маџари и неолитското село и музеј на отворено на истиот локалитет. Предвидени се поправки и тековно одржување на установата, како и во купување на машини и опрема во висина од 1. 450.000 денари.
Од сопствент буџет Музјеот ќе издвои 4.000.000 денари за монографијата „Некрополите Мали Дол“ на д-р Александра Папазовска, за создавање на интерактивна потрага со заплет за посетители на тема „Чуварите на изгубеникот симбол“ (во соработка со Креатива сторителинг), за санација и модернизација на музејско депо, осовреметување и проширување на конзерваторска лабораторија и за проектот „Кратовско – злетовската област низ историјата“, во соработка со ИНИ и Карловиот Универзитет.
– Нашата мисија, која ги спојува истражувањата, заштитата, презентацијата и одржливоста, не е само збир на активности, туку и прецизна институционална визија. Преку стратешките приоритети и стабилниот финансиски план, докажуваме како стручниот научен пристап и современите музејски поставки можат да создадат трајни вредности, потврдувајќи го статусот на Музејот како вистински чувар на националниот идентитет – вели Манаскова.





