Членовите на бендот „Невладина организација“ беа изненадени од долгиот аплауз на скопската публика, делумно несвесни дека на паното зад нив е портретната фотографија на Влада Дивљан. Во негова чест синоќа се одржа концертот „Само една љубов имам“ со кој беа одбележани десет години од смртта на Дивљан. Публиката на нозе ги пееше песните од времето на „Идоли“, „Олд старс“ бендот, „Невладина организација“ и „Лјетно кино“ и солистичките дела со кои Дивљан остави огромен печат на многу генерации.

Турнејата на „Невладина организација“ симболично започна во Виена, каде што Влада Дивљан живееше и твореше од 1999 година до крајот на животот. По концертите во Белград и во Загреб, концертот во Скопје се одржа како дел од програмата на фестивалот „Таксират“. Дополнителна вредност на концертот даде харизматичната Констракта која исполни неколку песни од Дивљан и се пошегува дека никогаш во животот не претпоставувала „дека ќе пее љубовни песни“. Настапи и Кирил Џајковски кој со Дивљан работел на многу проекти.

Пред бисот, Логин Кочишки од „Пасворд продукција“ раскажа една анегдота.
– Бев млад и се најдов во Белград и во публиката го видов Влада Дивљан. Го излажав дека сум новинар и сакам да снимам документарец за него. Рече нема проблем и следниот ден се видовме на кафе, ми донесе толку голема кутија со материјали, одвај ја ставивме во автобусот. Немам прекари, но еден другар ме вика „Бунар“. Знае дека што дојде кај мене… И помина една година, ми се јавува Влада за да ме праша до каде сум со снимањето, некој друг ги барал материјалите. Стиснав заби и тргнав за Белград. Седнавме на пијачка, една, две, за да се опуштам и да му кажам дека материјалите ги нема… Ме погледна и ми рече: „Оваа тура ти ја плаќаш“. Ете, таков човек беше Влада – заврши Кочишки.

„Док добује киша“, „Кенозоик“, „Пластика“, „Русија“, „Маљчики“ … Владиниот бенд го предводат неговите долгогодишни пријатели и соработници Зденко Колар, Саша Шандоров, Борис Буњац, Марко Миливојевиќ и подмладокот Дамјан Дашиќ и Марко Чалиќ.
(В.И.И.)
Фото: Маја Јаневска-Илиева / Преземено од ppj.mk







