Скулптури од Петар Хаџи Бошков, еден од најреномираните македонски скулптори на 18 септември ќе бидат изложени во античкиот град Стоби кај Градско. Во поставката се вклучени околу 40 дела од повеќе творечки фази на Хаџи Бошков, од 1962 до 2004 година, сите во сопственост на неговото семејство. Изложбата е насловена „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“, а куратор и автор на концептот е Владимир Јанчевски.
Иницијатор на проектот е Спасе Перовски, ликовен уметник и директор на археолошкиот локалитет Стоб, како дел од долгорочната проектна-програма „Стоби – жив град“. Перовски вели дека овој современ дискурс ќе биде амалгам за големиот временски распон во однос на културата и културните вредности.
Делата ќе бидат поставени поединечно или во посебни групи/целини на 24 различни точки низ локалитетот. Ќе бидат презентирани и неколку дидактичко-едукативни пунктови. Еден од нив ќе биде простор каде ќе бидат изложени модели и ситна пластика од студиото на Хаџи Бошков и посебен простор за проекција на документарен видеоматеријал, поврзани во еден логичен редослед, по патека што овозможува движење во две насоки.
Одбрани се специфични локации од локалитетот, како пунктови на кои ќе бидат изложени делата, вклучувајќи ги надворешниот бедем од утврдувањето на влезниот дел, просторот пред театарот, полукружниот плоштад, Виа сакра, во театарот и коридорот под гледалиштето, храмот на Изида и Серапис и големиот неистражен простор кој се протега до градбата со арки. Овие локации на најинтересен начин овозможуваат заемно разоткривање и посочуваат суштинска врска меѓу вредностите на модерната и антиката.

Кураторот Јанчевски вели дека ова е исклучително деликатен проект.
– Да се спои творештвото на еден модерен скулптор и еден значаен археолошки локалитет, привремено да се приближат овие два света, креативно да коегзистираат, не е лесна задача, но е голем предизвик… Творештвото на Хаџи Бошков е врвот на нашата модерна уметност и има изграден и препознатлив идентитет. Од друга страна, и локалитетот Стоби е историски потентно место. Иако е град што веќе не е жив, изобилува со културни слоеви од материјални остатоци, информации за животот и културата на луѓето кои го населувале. А со долгата историја на истражувањата и континуираната работа на археолозите, со секое ново откритие, повторно се оживува – вели Јанчевски.
Петар Хаџи Бошков е еден од најзначајните ликовни творци во втората половина на 20 век. Човек со интернационален дух и отворен светоглед, школуван во повеќе значајни центри, меѓу кои Љубљана, каде што дипломирал, и Лондон, каде што специјализирал на Кралскиот колеџ за уметност. Лондон е посебно значаен за неговиот развој, каде што имал можност да истражува и да развие пријателство со големиот британски скулптор Хенри Мур. Од исклучително значење за него е и Британскиот музеј, кој речиси секојдневно го посетувал. Поминувал часови пред најубавите и најзначајни дела од египетската, античката грчка и римска уметност, кои му биле инспирација во раниот творечки период, а таа врска ќе остане силна, и понатаму ќе се развива на едно повисоко ниво. Како изграден автор бил визитинг-професор на уметничката школа „Купер Јунион“ во Њујорк, по што се вратил во неговото Скопје, да го донесе светот дома. Тука продолжува со педагошката дејност, првин како професор во Уметничкото училиште во Скопје (1968-1980), а подоцна и како професор и прв декан на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, сè до своето пензионирање.
Насловна фотографија: Денис Сарагиновски





