„Синило“ е насловот на изложбата на цртежи од Јелена Белиќ што ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Мобилната/Монтажна галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје. Воедно ќе биде промовирана и уметничка книга.
Според Горан Стојчетовиќ, „Синило“ носи силна потврда за постоењето на едно посебно творечко јадро во секој човек на планетата.
– Цртежот што настанува од таквото јадро го нареков „длабински цртеж“ кој опфаќа едноставен систем на цртачки техники кои се применуваат во однос на моменталните асоцијации, психосоматските реакции и миговите на свесни увиди на поединецот додека црта. Процесот на длабински цртеж е најблиску до изворот на природните психички механизми кои создаваат соништа, визии, фантазии и халуцинации. Тој ги опфаќа импулсите од несвесните визуелни содржини на психата правејќи ги корисни за поединецот така што го фокусира на неговите реални творечки потенцијали и извори на енергија – вели тој за изложбата.
Јелена Белиќ (1985, Гостивар) дипломирала на Архитектонскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Учествувала на повеќе групни изложби. Ова е нејзино прво самостојно претставување.





