Почитување на колективните договори и законите, достоинствени услови за работа за работниците во културата побара вчера Синдикатот на културата кој одржа протест пред Министерството за култура и туризам во Скопје. Тие побараа да се исплатат неисплатените плати. Пред Велигден 3.000 работници во културата останаа без плата за март.
На протестот претседателката на СКРМ, Вера Атанасовска побара транспарентност и професионално управување со културните институции, ослободени од партиска контрола и почитување на колективниот договор.

Фото: Маја Јаневска-Илиева, преземено од ppj.mk
– Колективниот договор за култура предвидува усогласување на платите кај сите вработени согласно растот на животниот стандард. Имаме потпишан, признат и уставно потврден Колективен договор кој не може да не се почитува – рече Атанасовска.
Од Министерството за култура и туризам соопштија дека вработените ќе ги добијат платите со потребното зголемување, а доцнењето било заради усогласување на пресметките за плати со Министерството за финансии.





