Симпозиумот насловен „Адам Смит: 300 години од раѓањето“ ќе започне денес во 10 часот на Филозофскиот факултет во Скопје, во чест на Светскиот ден на филозофијата. Ќе учествуваат осум истакнати филозофи, професори и истражувачи, поделени во две сесии: Љубомир Гајдов, Радомир Виденовиќ (Србија), Денко Скаловски, Стивен Фридман (САД), Јасмина Поповска, Бошко Караџов, Куштрим Ахмети и Игор Поп Трајков.
Свеченоста ќе биде отворена со поздравна реч на деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Ратко Дуев и раководителот на Институтот за филозофија, проф. д-р Ана Димишковска. На настанот традиционално по седми пат ќе настапи квинтет гитари на студентите од Факултетот за музичка уметност во класата на проф. м-р Дарко Багески, коишто ќе изведат пасажи од Жизмонти, Пиацола и Бах. На академик Ферид Мухиќ ќе му биде врачена и нововостановената наградата „Константин Философ“ за животно дело, која што ќе му биде врачена на академик Ферид Мухиќ.
Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и Филозофското друштво на Македонија по 20. пат ќе го одбележат Светскиот ден на филозофијата. Овој ден, востановен од УНЕСКО, традиционално се одбележува третиот четврток од месец ноември и се слави низ целиот свет, потенцирајќи ги вредноста и придобивките на филозофијата. Првото чествување кај нас датира од 2004 година (18-19 ноември) кога се одржа дводневен симпозиум со наслов „Филозофската, политичката и педагошката мисија на Џон Лок“. Настанот започна со првата Беседа за филозофијата, којашто тогаш ја одржа академик Георги Старделов (1930-2021). Богатата програма содржеше и промоции на неколку значајни публикации – „Искушението на естетичкиот ум — 20 век“, „Балканска естетика“ и „Angelus novus“ од Старделов; македонскиот превод на „Оглед за човечкиот разум“ од Џон Лок (превод од англиски јазик: д-р Дејан Ничевски), како и „Филозофски текстови – избор“ од проф. Јонче Јосифовски (двете последни книги во издание на „Аз-Буки“).





