Што значи бесплатниот пристап до водечката научна база Web of Science

Соработката со Clarivate и можноста за бесплатно користење на научните бази на платформата – Web of Science за сите државни универзитети, Македонската академија на науките и уметностите и Универзитетот на Југоисточна Европа е голема придобивка за нашата академска заедница. Со неа се овозможува пристап до најреномирани научни трудови, следење на актуелни истражувања и научни трендови, објавување во списанија со висок импакт-фактор и поврзување со глобалната научна заедница, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на промоцијата на платформата.

– Ова ќе ја зголеми видливоста на нашите истражувачи, можноста за цитираност и директно влијание врз рангирањето на нашите универзитети на Шангајската листа. Меѓу критериумите што се земаат предвид при рангирањето се бројот и квалитетот на објавените трудови, цитираноста и меѓународната соработка. Анализите покажуваат дека за да се постигне рангирање на околу 1.000 место на Шангајската листа, потребно е годишно да се објавуваат над 1.200 трудови во Web of Science. Нашите универзитети објавуваат многу помал број на трудови годишно – рече Јаневска.

Според неа, истражувачката активност е основен столб на развојот на науката и напредокот на општеството. Истражувачите имаат клучна улога во создавањето нови знаења преку систематски и квалитетни истражувања, кои мора да бидат достапни и проверливи преку објавување во рецензирани научни списанија. Јаневска додаде дека МОН континуирано ги поддржува професорите, истражувачите и студентите да создаваат трудови со висок квалитет и да ги објавуваат во престижни меѓународни списанија, преку покривање на трошоците за објавување, финансиски награди за објавени трудови со импакт-фактор, финансирање на научно-истражувачки проекти како и поддршка за учество на меѓународни конференции и промовирање на соработка преку заеднички трудови со странски универзитети.

– Систематската поддршка и мотивирањето на истражувачите за создавање, истражување и објавување е клучна за одржување и унапредување на академската извонредност. Ако сите се посветиме на научната извонредност, не само што ќе ја подобриме нашата позиција на меѓународните ранг-листи, туку и ќе изградиме општество засновано на знаење, иновации и одржлив развој – рече Јаневска.

Платформата е достапна за македонските научници, истражувачи и студенти од државните универзитети од јули годинава, кога МОН и компанијата Clarivate која ја поседува Web of science, склучија договор за меѓусебна соработка.

Сподели