Дипломираните студенти стекнуваат и некои општи квалитети, како што се анализирање, оценување и презентирање информации, идеи и концепти коишто се изведени од релевантни податоци
Математиката е основа за многу научни, образовни, технолошки и финансиски дисциплини. Секој од студентите на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ до крајот од своето студирање стекнува знаења од одредени научни области од математиката и покажува знаење и разбирање за примената на разни методологии при изучувањето на соодветната научна област. Покрај тоа, дипломираните студенти стекнуваат и некои општи квалитети, како што се анализирање, оценување и презентирање информации, идеи и концепти коишто се изведени од релевантни податоци.
– Секој од нашите идни студенти може да се запише на некоја од следниве студиски програми (насоки): наставна математика, теориска математика, актуарска и финансиска математика, применета математика, математика-информатика и математика-физика – вели проф. д-р Весна Целакоска-Јорданова, раководителка на Институтот.
Кои се можностите за работа во Македонија во однос на студиските програми што се однесуваат на образованието?
Дипломираните студенти на студиските програма по наставна математика успешно се вклучуваат во наставата по математика во средните училишта, но и во основните училишта, додека дипломираните студенти на студиските програми математика-физика и математика-информатика се вклучуваат во наставата по математика, физика или информатика во основните училишта. Некои од нив наоѓаат работа во институциите од образовниот систем на РС Македонија, но и во некои невладини институции, особено оние што се надлежни за следење и развој на образовниот систем. Стручните називи со кои се стекнуваат дипломираните кадри на овие студиски програми, соодветно, се: дипломиран професор по математика, дипломиран професор по математика-физика за основно образование и дипломиран професор по математика-информатика за основно образование.
Студиската програма теориска математика пак нуди теоретска основа за усвојување на напредни и сложени математички теории, како и висок степен на развој на апстрактното, логичкото и креативното мислење. Дипломираните студенти можат да работат пред сè во високото образование како научен подмладок, во средното или основното образование, во научни институции и во институции каде што е потребна примена на математиката. Стручниот назив со кој се стекнуваат дипломираните кадри на оваа насока е дипломиран математичар.
Какви можности имаат студентите на применетите насоки?
Студиската програма актуарска и финансиска математика последниве години е поатрактивна за студентите. Таа, со своите наставни содржини и методи на настава на студентите им овозможува стекнување широки знаења од областа на математиката со акцент на содржини што непосредно се применуваат во областа на економските науки. Дипломираните студенти се способни да решаваат сложени математички проблеми од областа на банкарскиот и осигурителниот сектор, при управување на пензиски и здравствен фонд, во јавни управи, агенции и др. Стручниот назив со кој се стекнуваат дипломираните кадри на оваа насока е дипломиран математичар – актуарска и финансиска математика.
Студиската програма применета математика е многу попопуларна во странство отколку кај нас. Дипломираните студенти се оспособени за решавање детерминистички проблеми (со помош на методи од оптимизација и операциски истражувања), како и решавање недетерминистички проблеми (со помош на теоријата на веројатност и статистика). Овие стручни лица имаат можност за вработување во индустријата, во секторите за планирање и операциски менаџмент, секторите за моделирање и симулации, секторот за софтверски развој и поддршка, во јавни управи и агенции, во приватен сектор и на сите места каде што има потреба од мултидисциплинарна работа и/или статистичка обработка на податоците. Стручниот назив со кој се стекнуваат дипломираните кадри на оваа насока е дипломиран математичар – применета математика.
Кои професии се дефицитарни и кои кадри веднаш се вработуваат?
Професијата професор по математика последниве години е дефицитарна. Дипломираните студенти на Институтот за математика не чекаат долго време за работа и се вработуваат релативно брзо, како во образовните институции, така и во компаниите од индустрискиот сектор, главно како аналитичари.
Дипломираните студенти се вработуваат во: ЕВН, во Заводот за статистика, во Комерцијална банка АД Скопје, во ВФП фондови, во некои осигурителни компании, во Џонсон Мети, итн.
Можности за запишување на вториот и третиот циклус студии, т.е. постдипломски и докторски студии.
Секој студент што ќе дипломира на Институтот за математика може да се запише на втор циклус студии, т. е. на постдипломски студии, независно од просекот, додека за упис на трет циклус студии, т. е. докторски студии, можат да се запишат само студенти коишто на првиот и вториот циклус студии имаат стекнато просек 8,00.
Кога дипломата стекната на Институтот за математика развива вештини за некоја сосема друга професија
Математичарите можат да ги искористат своите аналитички вештини и вештини за решавање проблеми во широк спектар на нематематички професии: аналитичари на податоци, програмери, бизнис-аналитичари, проектни менаџери и други разни креативни професии: уредници, дизајнери, дури и музичари. Аналитичкото расудување, решавањето проблеми, логичкото расудување и вниманието за детали му обезбедуваат на математичарот стекнатите вештини да ги пренесе на разни професии и со тоа да има широк спектар можности за вработување. А страста кон избраната професија, го прави математичарот задоволен од работата што одбрал да ја работи.
Потенцијал на дипломата по математика за работа во странство
Сите дипломирани студенти на Институтот за математика што отишле во странство немаат проблеми ниту со продолжување на своето образование, ниту со наоѓање работа. Студиските програми на првиот и вториот циклус студии се компатибилни со програмите и стандардите на познати високообразовни институции од развиените европски земји.





