Шеjмус Мекгарви, кинематограферот на „Ана Каренина“, „Сирано“, „Часови“… ја доби специјалната „Златна камера 300“

Кинематограферот Шејмус Мекгарви е добитник на специјалната „Златна камера 300“ на Фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, за особен придонес во светската филмска уметност. Наградата ќе му биде врачена за време на одржувањето на 44. фестивал, од 23 до 29 септември.

Кинематограферот, чиј ракопис стои зад долгогодишната тандемска соработка со Џо Рајт („Покајание“, „Ана Каренина“, „Сирано“), зад „Ноќни животни“ (режија Том Форд), „Треба да разговараме за Кевин“ (Лин Ремзи), „Светски трговски центар“ (Оливер Стоун), „Часови“ (Стивен Долдри), „Висока верност“ (Стивен Фрирс), „Бакнежот на пеперутката“ (Мајкл Винтерботом), како и зад епизодата „Скок на глава“ од серијата „Црно огледало“, за која освои ЕМИ награда и БАФТА номинација за најдобра фотографија (кинематографија), оваа година во Битола ќе стане дел од големото филмско семејство на фестивалот.

Мекгарви е два пати е номиниран за „Оскар“ за најдобра фотографија (кинематографија) – за „Покајание“ (2007) и за „Ана Каренина“ (2012). Два пати ја добил наградата на Британското друштво на кинематографери (BSC) за „Ана Каренина“ и за „Ноќни животни“ (режија Том Форд) и четири пати е номиниран за наградата БАФТА. Во 2004 година е награден со „Лимиер“ медал за придонес во уметноста на кинематографијата, кој го доделува британското Кралско фотографско друштво.

Шејмус Мекгарви

На прес-конференцијата, селекторите на Интернационалниот фестивал на филмската камера ја објавија програмата на овогодишното 44. фестивалско издание.
Селекторот на програмата „Камера 300“ за долгометражни играни филмови, Слаѓан Пенев, ја најави исклучително богатата и атрактивна селекција. Освен претходно објавените македонски филмови на отворање и затворање на фестивалот, „Домаќинство за почетници“ и „Лена и Владимир“, тој ги издвои ипролетерската трагикомедија на Аки Каурисмаки, „Паднатите лисја“, во тандем со неговиот редовен кинематограферски соработник Тимо Салминен, кој ќе биде гостин на фестивалот; мистичното трагање по недофатливото во фотографијата и музиката на Вим Вендерс – „Совршени денови“, во соработка со директорот на фотографијата Франц Лустиг, кој исто така ќе биде присутен во Битола; медитативната чеховско-ромеровска драма нa Нури Билге Џејлан, „За сувите треви“, во прва соработка со два кинематографери, Џеваир Сахин и Курсат Уресин, кои во тандем ќе се појават и на проекцијата во Битола, Хичкоковскиот трилер „Анатомија на едно паѓање“, кој ја доби „Златната палма“ на последниот Кански фестивал, дело на режисерката Жустин Трие и кинематограферот Симон Буфил, како и богатата симфонија на ѕвезди и стил на Вес Андерсон, „Астероид Сити“, со најчестиот негов соработник, искусниот кинематографер Роберт Д. Јеоман.

Селекторите на програмите за кратка, документарна и студентска програма, Марија Апчевска, Кумјана Николова и Ѓорѓи Пулевски, ги објавија селекциите во своите програми, каде што исто така има атрактивни наслови, како документарниот филм „Човек во црн“на Ванг Бинг, чија кинематограферка, Каролин Шампетие, позната по соработките со Лео Каракс (Holy Motors), исто така ќе биде гостин на Фестивалот.

Сподели