Шанса за 10 средни училишта да се вклучат во програмата за подобро ментално здравје на учениците

Обука на класните раководители за третирање на менталното здравје на класните часови, спроведување неформални активности на оваа тема во училиштата, целогодишна менторска поддршка од искусен младински работник се дел од програма за унапредување на капацитетите за грижа на менталното здравје на учениците. Десет средни училишта ќе имаат можност да ја имплементираат програмата во рамки на кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“ што ја спроведува граѓанската организација „Младите можат“.

Активноста се спроведува втора година по ред. Во тековната учебна година програмата успешно се реализираше во 11 средни училишта од повеќе градови во Македонија. Таа опфати обука на 165 врснички едукатори и 265 професори и стручни соработници, што придонесе за подобрување на училишната клима за поддршка на благосостојбата на учениците.

– Оваа соработка даде навистина позитивни резултати. Заедно учевме, ја градевме свеста и се боревме против стигмата за менталното здравје. Веруваме дека придонесовме за создавање училишна средина која се грижи за благосостојбата на учениците и поттикнува внимание за менталното здравје. Среќни сме што преку новиот повик, во новата учебна 2025/2026 година, ќе можеме овој процес да го реализираме со уште десет училишта – вели Филип Ивковски, координатор на програмите за ментално здравје во „Младите можат“.

Новиот повик е отворен за сите државни и приватни средни училишта, и од гимназиските и од стручните насоки. Рокот за пријавување истекува на 20 јуни, а предност ќе имаат училиштата кои први ќе аплицираат на линкот и ќе ги исполнат условите на повикот.

На крајот од учебната година, училиштата што успешно ќе го спроведат процесот ќе добијат признание – амблем за училишта што се грижат за менталното здравје на своите ученици. Програмата за подобро ментално здравје во средните училишта е одобрена од Министерството за образование и наука и од Бирото за развој на образование.

Граѓанската организација „Младите можат“ веќе осум години работи на промоција на грижата за менталното здравје и благосостојбата на младите. Кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“ започна минатата година, а целта е да ја зголеми свесноста и информираноста за важноста на менталното здравје кај младите на возраст од 14 до 18 години.

Сподели