Тринаесетта титула по ред освои шаховскиот клуб „Алкалоид“ во последното коло од Екипното првенство на Македонија. Ова е 27. титула за клубот од 1992 година до денес, соопштија од клубот. „Алкалоид“ е прв со 13 бода (6 победи и еден нерешен меч), а шаховскиот клуб „Мулти Есенс“ е втор со 12 бода (5 победи и два нерешени меча). И двете екипи останале непоразени на шампионатот.
– Со години наназад друг клуб беше наш ривал во борбата за првото место, па откако беше обезбедена таа победа во 4. коло, надвладеа оптимизмот дека работата е завршена. Во меѓувреме младинците од „Мулти Есенс“ играа сè подобро од меч во меч и стекнаа голема самодоверба. Тие имаа сè што ѝ е потребно на една екипа за успех и навистина ја направија борбата за титулата драматична. Уште еднаш се покажа дека титулите и рејтингот не играат сами, туку победите ги носат играчите кои ќе останат смирени и фокусирани во текот на целата партија и нема да направат грешки. Оваа титула на „Алкалоид“ се должи само на искуството на играчите, кои подобро се снајдоа во последните минути од мечот, додека за „Мулти Есенс“ ова второ место сигурен сум дека има вредност како да се први, бидејќи лани влегоа во елитното друштво и оваа година имаа цел да изборат опстанок, а се случи сензација – изјави велемајсторот Драган Јаќимовиќ, капитен на „Алкалоид“.
За шампионскиот тим на „Алкалоид“, покрај интернационалците велемајстори Александар Инѓиќ (актуелен европски шампион) и Велимир Ивиќ, настапија Филип Панчевски, Емил Ристески, Тони Лазов и „велемајсторската гарда“ составена од Трајко Недев, Звонко Станојоски и Драгољуб Јаќимовиќ.
Во освојувањето на второто место за „Мулти Есенс“ учествуваа велемајсторите Леон Ливајиќ и Лука Драшковиќ, заедно со Михаил Јорданов, Теодор Јовановски, Стојан Велкоски, Матео Ефтовски, Кирил Николовски и Дино Табаковски.
Претходно женскиот тим на „Алкалоид“ ја освои титулата кај дамите, каде што Лела Јавакишвили и Бела Котенашвили играа заедно со Габриела Коскоска, Моника Стојковска, Моника Жежовска и Леа Ефтовска.
Следен предизвик за „Алкалоид“ ќе биде новиот настап на Европскиот клупски куп, кој ќе се одржи од 18 до 26 октомври во Грција.





