„Сенки на заедничкото“ од Стојан Павлески во паркот на Архитектонскиот факултет

Во паркот на Архитектонскиот факултет во Скопје вечерва од 20 до 23 часот ќе биде претставен проектот „Сенки на заедничкото“ од Стојан Павлески. Преку дијагностичка перспектива, проектот се обидува да ги кадрира можните простори и официјални диспозитиви кои го сочинуваат образовниот топос како концепт за практична дистрибуција на знаењето, доведувајќи ги во прашање воспоставените форми кои го конструираат креативното искуство.

– Променливоста на контекстите, а оттука и на можните позиции низ кои поединецот трансверзира, ја поставува основната хипотеза за збогување со искуството како креативно ползување и историографијата на историското, за новите простори, во кои тажно, ако не и морбидно, исчезнува идеологичноста, па оттука и целата смисла поврзана со можноста за континуирана еманципација. Епитафскиот приказ на документарните фотографии како артефакти на сегашноста и идната минатост го претпоставува наметнатото исчезнување или претопување што се припишува на дигиталната ера, во која секое човечко, креативно и социо-предметно искуство, полека заминува – се вели во најавата за поставката.

Проектот ги истражува формите на „плуралното“, „мултисензорното“ и „коегзистенцијата“ низ структурата на документот, како запис за обновливото преоткривање на историските мемории во сегашноста. Конечно, човекот станува сенка во доменот на заедничкото, бришејќи се себеси и мемориските простори, запишани како една трага од ерата на еманципацијата.

Сподели