Пишува: Звонко Димоски
„Еволуцијата на распадот“ на режисерот Дамјан Димовски, во продукција на „Артема – театарска лабораторија“, е современо и храбро препрочитување на „Отело“, кое умешно ја пренесува шекспировата трагедија во визуелен и психолошки згуснат, урбан театарски простор.
Димовски го гради изразот врз сценски минимализам преку две маси што постојано ја менуваат својата положба и функција, индустриски студен амбиент, темни контрастни сцени и светло што се однесува како филмски близок кадар. Во таа аскетска рамка создавана е драматична, емотивна атмосфера во која телата и гласовите на актерите стануваат главниот носител на претставата. „Еволуцијата на распадот“ изведена е како камерна, урбана верзија на „Отело“, која во многу аспекти наликува на независните филмски продукции преку нејзиниот блокинг, односно физичката поставеност на актерите, и начинот на кој темнината и светлината ги моделираат емоциите за да ја следат логиката на камерата, а не на традиционална театарска композиција.
Во ваквата естетика, Јаго (Илин Јовановски) е поставен како централна сила, како лик што го режира распадот и убиствата пред очите на публиката. Неговата изведба е мошне прецизна, испреплетена со моменти на внатрешно лудило, кои актерот ги носи со одлично чувство за ритам и мрачна интензивност. Неговата игра потполно ја оправдува интерпретативна насока на адаптацијата, односно фокусот речиси целосно да се помести од Отело, кон фигурата што го манипулира целиот космос на сцената. Бранко Михајловски во улогата на Отело нуди изненадувачки пристап, прикажувајќи го како човек ранлив, кршлив и тивко уништуван од сопствените емоции. Неговата физичка интерпретација е мошне забележлива, но напати недостасуваше онаа дивa страст и нескротлив бес што би го преобразиле од трагична жртва во вистински трагичен убиец. Добрата физичка игра на Михајловски, понекогаш ја разлева јасната концепција за Отело преку планираните драматуршко-режисерски наративни линии со различен интензитет и јазик, кои се движат од елегантна елоквентност до потешко разбирлива дијалектност. Димоски, иако во одредени моменти ги остава Емилија (Илина Чонкова), а особено Дездемона (Леонида Гулевска) во пасивна позиција, сепак успеа да ги изнесе како модерни, активни и емотивно присутни жени, ослободени од дел од пасивноста што ја носи шекспировата традиција. Девојчинскиот искрен, непосреден и природен израз на Гулевска ја прави Дездемона достапна за публиката, иако самата креација како да талка помеѓу недефинираните книжевни и филмски инспирации за принцезите и бунтовничките. Драматуршки, на ниво на фабула и физичност, тарантиновската двојноста на Емилија претставува едно од најуспешните решенија во претставата. Таа е глупава, покорна и болежлива пред Јаго, а бистра поддржувачка на кревката Дездемона и противничка на неправедниот заговор против Касио. Како Родриго, младиот Ѓорѓе Нешковиќ покажува исклучителен актерски потенцијал и ликот што во многу инсценации служи како придружна фигура, тука добива сложеност, нерв и темен хумор што го издвојуваат како едно од најсилните изненадувања на претставата. Касио (Тодор Стојковски) е прикажан низ призма на современа ранлива машкост, што добро се вклопува во синхроната слика на токсичност и манипулација. Неговиот настап внесува стабилна сценска енергија што го поддржува вкупниот драмски ритам на претставата.
Претставата да тече на современ јазик, којшто е разговорен, урбан, скратен и скротен, со ритам што одговара на денешниот гледач, а не во манир на елизабетанскиот јазик, кој бара голем напор за да биде комуникативен, е мошне храбра и прецизна одлука на Димоски. Решавајќи актерите да звучат како луѓе од нашето време, им овозможува поголема физичка слобода, флексибилни интонации, реактивност и живост како во спонтана интеракција. Овој избор ја прави изведбата поорганска, потелесна и поблиска до она што, според голем број теоретичари, било суштината на играта во Шекспировата епоха.
Визуелно јасниот концепт на Димоски е психолошки продлабочен сценски експеримент што го истражува распадот на довербата не како историска трагедија, туку како наша сопствена, денешна приказна. Сепак, претпочитањето на атмосферските моменти пред чистата нарација, напати оставаше впечаток дека претставата е подолга отколку што треба. Има неколку воведни или ненаративни сегменти кои би можеле да се скратат без да се изгуби суштината, што всушност е честа склоност кај младите режисери, кои понесени од разбивачката креативна возбуда, сакаат да задржат сè што смислиле во текот на процесот. Но, токму тука треба да се има на ум дека оваа адаптација е дипломска претстава на Димовски, и како таква е амбициозна, истражувачка и слоевита, со силна желба да го испита потенцијалот на текстот, на сценските средства, на своето знаење и умешноста на своите колеги, актерите.
Во монодрамата „Јас, Пислбосом“, заснована врз реинтерпретација на Тим Крауч на Шекспировата „Сон на летна ноќ“, реализирана во продукција на „Хан-тонг“ (Хрватска/Англија), режисерот Филип Парр нуди прониклива, интелигентна и суптилно хумористична реинтерпретација на шекспировскиот канон, насочувајќи го вниманието кон маргиналниот лик Пислбосом и афирмирајќи ја неговата драматуршка потенцијалност.
Парр е мултидисциплинарен режисер со богата меѓународна кариера, кој подеднакво уверливо се движи меѓу театарот, операта и фестивалското програмско обликување. Како основач и уметнички директор на номадската културна организација „Parrabbola“, реализира амбициозни проекти поврзани со различни заедници и простори, со акцент на колективното учество, а како ко-директор на Интернационалниот Шекспир Фестивал во Јорк, го проширува шекспировскиот репертоар преку современи, интеркултурни пристапи што ја збогатуваат европската фестивалска сцена.
Парр ја структурира нарацијата преку петте соништа на вилата, кои функционираат како поетски и драматуршки јадра, овозможувајќи субјективно и фрагментирано раскажување. Во рамките на оваа структура се обработуваат и трите основни заплети на „Сон на летна ноќ“, односно славењето на свадбата на кралот Тезеј и амазонската кралица Хиполита, љубовните забуни во шумата и паралелното кралство на самовилити. Приказни, кои овде добиваат нова перспектива преку погледот на незначајниот, но внимателен сведок на настаните, самовилата Пислбосом. Во режиската концепција на Парр, Пислбосом визуелно е претставен како вила-извидник (униформа со сребрени врвки, златни беџови и блескави ѕвездички), пришто неговото однесување и изглед го нагласува контрастот меѓу неговата дисциплинираност и хаосот на магичната шума, создавајќи суптилна иронична дистанца што го засилува комичниот тон на изведбата.
Играта на Филип Кренус е суптилна, прецизна и емотивно нијансирана. Вешто спојува непосредност, хумор и меланхолична нежност, оживувајќи лик кој преминува од периферијата во центарот на драмската имагинација. Во синергија со визуелната поддршка, анимираните проекции на соништата, комбинацијата од звук и куклени светлосни сенки (Зденко Башиќ), претставата создава имерсивен, речиси бајковит простор во кој Пизлбосом добива автономен глас и нова сценска димензија.
На тој начин, „Јас, Пислбосом“, не само што ја ревитализира класичната комедија на Шекспир, туку и покажува како периферните ликови, кога се поставени во фокус, можат да откријат значајни емоции, хумор и свежи перспективи во современиот театар.
„СамоТи(И)Ја“, во продукција на Тим Театрос К, во режија на Војо Цветановски, претставува кореодрама што ја претвора шекспировската сонетна поетика во современ сценски јазик за телото и движењето. Во овој перформанс, Енџи Николоска и Бојан Лазаров ја истражуваат интимната територија меѓу две тела што се бараат, одминуваат и повторно се наоѓаат – како метафора за вечната, понекогаш болна, понекогаш тивка потрага по љубов. Наместо класичен драмски наратив, двајцата перформери создаваат визуелно-поетски простор во кој телото станува инструмент за раскажување, а просторот — активен партнер во комуникацијата. Овој нивни авторски проект ја спојува едноставноста на приказната со силен емоционален импулс, градејќи перформанс што на публиката ѝ се обраќа директно, искрено и неконвенционално.
Заклучно, овие продукции покажуваат дека Шекспир денес може да живее во многу различни сценски облици – од урбан, минималистички визуелен театар, преку телесна кореодрама, до интимна моно-драма што ги оживува маргиналните гласови. Ја потврдуваат виталноста на класиката и моќта на интерпретативните пристапи да откријат нови слоеви, емоции и значења за денешната публика. Независната продукција овде прави токму она што ѝ е задача, односно ја отвора сцената за храбри идеи, нови јазици и уметнички ризици што ѝ даваат нов живот на класиката.





