Се менува терминот „даватели на услуги“ – јавна расправа за Предлог-законот за културата

Предлог-законот за култура решава клучни прашања како донесување годишен план со кој ќе се утврдат приоритетите за финансирање на културата за следната година. Новина е донесување план за финансирање на заштитата на културното наследство за период од пет години. Ова се дел од поентите на вчерашната јавна дебата за Предлог-законот за културата која се одржа во Кинотеката на Македонија. Присутните ги поздрави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која информираше дека на документот се работело подолго време.

– Оваа правна рамка е неопходна за да се уреди еден креативен и слободен простор како што е културата, која ќе нè доближи до европските модели на остварување на културата и до современите тенденции за развој на уметноста и културата – рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа се надева дека постои стимулативна основа и поволен амбиент за остварување на културата, усогласена нормативна рамка која ќе обезбеди професионално и правично остварување на сите облици на културата.

Бисера Костадиновска-Стојчевска

Владимир Ангелов, член на работната група и директор на Кинотеката образложи дека со предлог-законот се уредуваат: остварувањето на јавниот интерес во културата во земјава; субјектите што го остваруваат јавниот интерес во културата; основањето, раководењето и управувањето со установите од областа на културата; начинот и условите за финансирање на јавниот интерес во културата; надзорот над спроведувањето на овој закон, како и други прашања од интерес за остварувањето на јавниот интерес во културата.

– Утврдени се мерливи, јасни и прецизни критериуми за избор на органите за раководење и за управување со јавните установи. Тоа ќе придонесе за зголемување на професионалноста во раководењето и управувањето на установите. Исто така дадена е правна основ за спроведување на втората фаза од децентрализацијата во културата, односно за пренесување на надлежностите на основачките права на дел од националните установи од државно на локално ниво, а тоа претставува една од основните претпоставки за темелна реформа во културата – рече Ангелов.

Владимир Ангелов

Во посебна глава од докуметот уредено финансирањето на јавниот интерес во културата како еден од клучните сегменти на реформата во културата, со што ќе се овозможи поотчетно и потранспарентно финансирање на проектите и работата на установите од областа на културата.

– Новина во предлог-законот е министерот за култура да може да склучи и посебен договор/програма за повеќегодишно финансирање на одреден проект или активност на националната установа во согласност со Законот за буџетите – појасни Ангелов.

Поимот „даватели на услуги“ се заменува со поимот „носители на дејност“; наместо досегашната реаудиција, утврдено е дека во постапката за унапредување на уметникот му се врши проверка на уметничките способности за повисокото место за кое се унапредува.

Новина е што предлог-законот овосмоѓува одземање на ингеренции на општините или на Град Скопје, доколку при вршењето надзор над нивната работа Министерството за култура констатира дека и покрaј дадените укажувања и преземените мерки и активности, органите на општината односно Градот не постапиле според укажувањата.

Сподели