„Нурни во мене“ е насловот на изложбата на дела од Сашо Блажес која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Музејот на град Скопје
Пишува: Гордана Велков, историчар на уметност
„Нурни во мене“ е насловот на изложбата на дела од Сашо Блажес која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Музејот на град Скопје. Низ делата тој ги открива длабочините во себе преку сликарски и графички експресии од длабочините на Охридско Езеро, кои ги развива во просторот, но и создава можност за трансценденција на длабочините или, како што кажува тој, можност за медитација. Куратор на изложбата е Гордана Велков која наместо класичен кураторски осврт, концепцијата на „Нурни во мене“ ја претставува низ разговор (интервју) со уметникот. Ви пренесуваме дел од интервјуто направено во студиото на авторот.
На првото кратко прашање „кој е Сашо Блажес“, веднаш и кратко одговоривте.
– Ова, тука кај што сме, студиово, тоа сум јас! Физичкото присуство во моето ателје и овој разговор во реално време за мене имаат најголемо значење. Се разбира, ја имаме и виртуелната реалност, но таа за мене може да е само прв контакт, или да допреш до пошироката публика или ако треба некаде да стигнеш за пократко време. Реалното време и физичкото присуство се мојата димензија.

Фото: Од отворањето на изложбата на Блажес во Венеција
Вие сте од Охрид, имате завршено Академија за ликовни уметности и магистерски студии во Букурешт, Романија, отсек графика, изложувате во европските земји, Италија, Франција, Германија… Веќе неколку години изложувате во Скопје, искуствата и инспирациите ги црпите од Вашето академско образование или сте веќе зрел уметник па владеете со Вашата ликовна и визуелна сцена?
– Моето академско образование несомнено ми даде силна основа – завршив студии на Ликовната академија во Букурешт, во 2004 година, во класата на Иаон Атанасиу Деламаре, а магистрирав на отсекот графика во 2008 година, кај Михаи Манеску, кој своевремено беше и декан на Академијата. Букурешката академија е длабоко вкоренета во традицијата, со структуриран пристап кој комбинира влијанија од Француската и Руската школа, но со потполна отвореност кон западноевропската мисла. Таму ги совладав сите класични графички и сликарски техники, но и учествував во теоретски истражувања, меѓу кои и учеството во два универзитетски трудови посветени на графичките техники. По враќањето во Македонија, заради лични околности, следуваше период на тивко натрупување – едно внатрешно созревање кое кулминираше околу 2015 година, кога почнав интензивно да работам, создадам и изложувам.

За жал, кај источноевропските школи многу малку е обрнато внимание на тоа „што потоа“. Моето присуство надвор од Македонија произлегува од самостојно остварени контакти, лични препораки и покани од куратори, галерии и уметнички простори. Тоа се средби што настануваат преку доверба, дијалог и заемно препознавање. Во таа смисла, академијата е важна како темел, но не е одлучувачка. Мојот сегашен визуелен и ликовен јазик се разви надвор од неа – во студиото и во искуството.
Како го идентификувате Вашиот ликовен стил, еве конкретно за оваа изложба „Нурни во мене“ во Музеј на град Скопје?
– Иако изложбата „Нурни во мене“ е најблиска до апстрактниот сликарски израз, сепак би било ограничувачки да кажам дека моето творештво припаѓа исклучиво на апстрактниот правец. Моето сликарство произлегува од концепт – секое дело почнува со идеја, со внатрешна слика со емотивен импулс, кој понатаму ја води формата и форматот на темата, односно изложбата.
Во некои циклуси таа форма се движи кон фигуративност, во други – како оваа изложба – кон нефигурална апстракција. Можам да кажам дека најчесто се наоѓам во еден простор „помеѓу“ – репрезентативното и апстрактното, каде што препознавањето е можно, но не и нужно.

Мотивот, концептот и енергијата што ја носи самото дело се тие што го диктираат визуелниот јазик, техниката и изразот. Стилот не го гледам како ограничување, туку како отворен систем што се менува со секое ново истражување.
Конкретно во „Нурни во мене“, кој е мотивот а, која е содржината?
– „Нурни во мене“ е продолжение од 2019 година кога го направив студиото и кога доаѓав често во него и долго размислував. Бидејќи за мене мисловниот процес е голем дел од работата колку што е и сликањето. Нурнував во себе, уметноста за мене не е натпревар со некого туку е натпревар со самиот себе како и во животот, се преиспитував, се самооткривав.
Всушност мотивот во делата кои Вие ги создавате и насловите од 2019 до сега сте Вие? Вашето растење, еволуција, промените.

– Мислам дека секој визуелен уметник треба најпрво да се пронајде себеси, да ги открие своите корени и лични импулси, а потоа да почне да расте и да еволуира. Моите дела и наслови од 2019 година до сега се израз на моето лично истражување. Секоја етапа на истражување носи нова перспектива, нови искуства и нови разбирања. Секој нов циклус или серија е само еден поглед на тоа што се случува во мојот внатрешен свет, од една страна, и перцепции и размислувања на надворешниот свет, од друга страна. Тоа е процес на постојано откривање, создавање и реоткривање.
Кога Вашето дело би било литературно, би било Ваша биографија?
– Да, да, уметникот, според мене, мора да има одредена реална димензија, не може ние да седиме тука во моето студио и да мислиме дека сме некои други и дека, на пример, сме во Америка.
Целото интервју на линкот.





