„Им благодарам на сите што имале храброст да застанат пред мојот фотоапарат“, се зборовите со кои фотографот Сашо Алушевски ја најавува својата изложба која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Изложбениот салон на Културно-информативниот центар во Скопје. Најавата за изложбата со поднаслов „Портрети на уметници – Ситуацијата е розова“ ја напиша самиот Алушевски и посочи:
– Текстов го напишав сам и сметам дека е невкусно себеси да си се обраќам во трето лице. Поднасловот е на вас да го протолкувате. Му благодарам на Владо Димоски за безрезервната поддршка и креативната соработка во опремувањето на поставката. И на Кети Талевска за целата работа на видеото.
Го објавуваме интегрално текстот во кој Алушевски го објаснува процесот низ кој ги создал делата што вечерва ги изложува:
„Пред вас се поставени портрети на македонски уметници. Фотографиите се направени на мокар колодиумски процес – фотографска техника од средината на 19. век со кој, заради неговата тежина и специфичност, се бават само мал број врвни уметници во светот, а се смета за една од најблагородните фотографски техники, како во однос на нејзината специфична естетика, така и во однос на квалитетот и трајноста на самите фотографии. Кај нас до сега никој не се занимавал со ваков вид на фотографија. Оригиналните фотографии се направени на стаклени плочи. Изложениве дела се дигитално испечатени скенови од стаклените плочи.

Од поширокиот избор на фотографии, избрани се токму овие, од крајно субјективни причини. Фотографиите се настанати во различни контексти. Некои од нив се направени на ликовните колонии Арт Поинт Гумно 2019, Де Ниро 2020, има фотографии од работилницата за колодиумска фотографија на МакеДокс 2018, а повеќето се направени наменски, во студио во Скопје, за да бидат дел од оваа серија. Циклусот беше најавен во 2020 година и го сметам за отворен и може да трае со години, со намера, да се направат портрети на нашите уметници од сите бранши и генерации, на благородна техника и крајно субјективен избор и пристап кон портретираните. Од уметниците е побарано да го искажат сопственото гледање, став кон уметноста, односно она што на англиски би се нарекло аrtistic statement, или нивното гледање на статусот на уметникот во нашето општество, важноста на културата во наш контекст. Во голема мерка сето ова стана дополнително занимливо, од причина што, кога идејата беше скицирана, светот сè уште безгрижно се тркалаше во ,добробитие’ на капитализмот, а идејата за пандемија беше непозната, барем за поголемиот дел од луѓето. Верувам дека за време на изолацијата, свеста за важноста на културните содржини некако (можеби на подобро?) се промени. Нивните ставови можат да се видат и слушнат на видеото“.
Изложбата лани во октомври беше кратко отворена во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје. Вечерва се отвора во рамките на манифестацијата „Скопско лето“.





