Санација на Спомен-костурницата во Струмица

Целосно е санирана Спомен-костурницата во Струмица – дело на архитектот Благој Колев изградено од армиран бетон и целосно обложен со бел мермер. Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Струмица завршија со детаљно чистење на околните отпадоци и вегетацијата, а самиот споменик е исчистен од поликолорот и графитите исцртани на мермерот. Следува санацијата и реконструкцијата на оштетениот мермер на површината на споменичната целина, како и хортикултурно уредување на Спомен-костурницата.

По комплетната санација местото ќе добие нов изглед и ќе стане простор каде што ќе се одржуваат различни културни манифестации, концерти, промоции и други активности во иднина.

Спомен-костурницата на паднатите борци од НОВ во Струмица е изградена на ридот Самораница, на 327 метри надморска височина и се простира на површина од 1.509 квадратни метри. Изградбата започнала во 1979 година. Моштите на загинатите борци во НОВ со свечен чин биле пренесени и положени во саркофагот на 4 јули 1982 година. Во саркофагот се наоѓаат посмртните останки на: Благој Јанков-Мучето, Герас Цунев, Сандо Масев, Васил Сурчев, Киро Абрашев, Иљо Шопов, Јанко Цветинов и Димитар Цветинов.

Акцијата ја спроведуваат Заводот и музеј од Струмица и Министерството за култура.

Сподели