За книгата „Двојна експозиција“ со Игор Анѓелков во библиотеката „Браќа Миладиновци“

Разговорот ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски

Разговор со писателот Игор Анѓелков за книгата „Двојна експозиција“ ќе се одржи вечерва во 19 часот, во спомен-собата „Т’га за југ“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. „Двојна експозиција“ е книга на месец април, во рамките на активностите од големата кампања „Читаме современи македонски автори“. Разговорот ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски. Збирката раскази ќе биде тема и на Клубот на читатели предвиден за 29 април.

Книгата, издание на „Или-Или“ (2022) е збирка од дванаесет раскази поделени по два во шест циклуси: Невиност, Љубов, Бизар, Афион, Статус, Смрт. Според Сашо Огненовски, автор на критиката за книгата, Анѓелков во расказите ги вткаил двата аспекти на човековиот живот: намислениот и одживеаниот.

– Се чини дека токму затоа и сите делови имаат по два раскази. Затоа и „двојната експозиција“ која со себе ја носи таа неизбежна феноменолошка спротивставеност на одживеаното и замисленото, но нереализираното – пишува Огненовски.

Игор Анѓелков (1974) дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на медиуми и комуникации на Правниот факултет при УКИМ во Скопје. Пишува критички осврти и рецензии од областа на филмот, музиката, книжевноста, а веќе 15 години е ко-сопственик и уредник во издавачката куќа „Или-Или“. Првата книга „Четири“ ја објавил во 1996 година под псевдонимот Ангел Горски. Официјалното дебитирал како писател во 2006 година со збирката раскази „Кротки приказни“ (2006), потоа следеа и романите „Крај-пат“ (2010) и „Фото синтеза“ (2013). Во 2020 година излезе неговиот нов роман „Шрапнел“, а во моментов е актуелен со збирката раскази „Двојна експозиција“ (2022).

Анѓелков е препознатлив и по медиското третирање на филмската уметност, со кое активно се занимава од 1997 година како автор на филмската радио-емисија „РЕДРУМ“ на Канал 103 (1997-2003), како и на филмскиот магазин „Филмополис“ на ТВ Телма (2003-2014). Досега има членувано во жиријата на неколку домашни фестивали, член е на меѓународната организација на филмски критичари „Фипресци“, а од 2018 е програмски селектор на Фестивалот на дебитантски филм „Киненова“ во Скопје. Зад себе има и три публицистички дела од областа на филмската уметност: „Филм.мкд“ (2015), за која ја доби Државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев Јасмин“ во 2016 година, „Филмски град“ (2018) и „Филмотопија“ (2022).

Сподели