„Мајка ми знае што се случува во градовите“ е плукање в лице на оние кои се „дрзнуваат“ да кажат како нештата треба да бидат. Извира од селото, од неговиот атар и пошироко, а модерна во исто време, вели Александра Јуруковска
Книгата „Мајка ми знае што се случува во градовите“ од Радмила Петровиќ, еден од најинтересните современи српски поетски гласови, неодамна излезе од печат на македонски јазик во издание на Здружението за локален развој „ЛАГ Агро Лидер“ од Кривогаштани. Здружението е активно посветено на развојот и одржливоста на руралните средени во Пелагонискиот Регион.
Проектот за промоција на балканската современа рурална поезија тежнее да ја зајакне културната анимација на жителите на селата и да влијае врз создавањето на нова публика, читатели, критична маса итн. Проектот започнува токму со препевот на книгата на Петровиќ, која изминатата година беше една од најкоментираните и најчитаните поетски книги во соседна Србија. Претходно, Петровиќ ја освои широката публика преку „Фејсбук“ и предизвика љубопитност за поезијата дури и кај оние кои воопшто не посегнуваат по неа.

Радмила Петровиќ (фото: Јутјуб, 24 Минута)
За уредникот и еден од препејувачите Звонко Димоски ова било доволен поттик книгата да биде преведена и на македонски јазик:
– Искрено, бев зачуден дека претходно ниеден издавач не се заинтересирал за нејзината поезија и пораката која е многу сурово искрена, автентична, а истовремено многу разбирлива и потребна за нашето поднебје. При првиот контакт со песните на Петровиќ, заклучив дека потребно да се препее и популаризира во Македонија. Петровиќ зборува за она што голем дел од читателите можеби и не го искусиле никогаш, но на таков начин, да се почувствуваат сите последици. Иако книгата флертува со женски теми за подреденост, таа сепак останува во хоризонтот на очекувањата на српската поетска сцена и родовата распределба на моќта. Петровиќ остро се спротивставува на општо прифатените норми за рамноправност, семејна хиерархија, наследство и слечно и разнишува многу митови поврзани со градот и селото. Користејќи го слоганот за панкот, можеме да парафразираме дека за Петровиќ „селото не е мртво!“ – вели Димоски кој заедно со Драгица Јорданоска ги препеа стиховите на македонски јазик.
Брутално искрена, луцидна, колку забавна толку предупредувачка, поезијата на Петровиќ се фаќа во костец со наметнатите општествени догми и предрасуди, вели книжевната критичарка Александра Јуруковска.
– Најчесто таа пее за жената и нејзиното очекувано место и однесување во општеството. Без додатоци, без лирски изблици и китења, „Мајка ми знае што се случува во градовите“ е плукање в лице на оние кои се „дрзнуваат“ да кажат како нештата треба да бидат. Извира од селото, од неговиот атар и пошироко, а модерна во исто време. Рурален панк – вели Јуруковска.
Радмила Петровиќ ќе биде гостин на едномесечна книжевна резиденција во Скопје во јули, во рамки на проектот Reading Balkans. Книгата на Петровиќ е објавена како дел од проектот „Регионална мрежа за културен разновидност“ READ-Regional Network for Cultural Diversity, поддржан од Европската Унија.
Промоцијата и дистрибуција на книгата, придружена со креативни и критички разговори, низ земјата може да инспирира млади девојки и момчиња да ги следат своите соништа, сметаат иницијаторите.
– Еден од нашите приоритети е развивање на културата и уметноста во руралните средини и доближување на културното творешто. Фокусирајќи се на животот во руралните средини и издигнувајќи ја улогата на руралната жена во нашето општество, нашите културни активности се насочени кон промоција на руралните жени и девојки, афирмирајќи ја нивната улога како литературни творци, уметници, креаторки – вели Марина Тошеска од ЛАГ АГРО ЛИДЕР.
Проектот го спроведува Гете Институтот од Скопје заедно со партнерски организации од Македонија, Србија, Албанија, Турција и од Косово.
Радмила Петровиќ (1996, Ужице) пораснала во Ступчевиќи во близина на Арилје. Како лауреатка на 42-те Лимски поетски вечери, ја објавува збирката поезија „Мирисот на земјата“ (2014), а како победничка на 22. Поетски конкурс „Десанка Максимовиќ“ збирката „Целулозен рокенрол“ (2015). Нејзината трета збирка „Мајка ми знае што се случува по градовите“ ја објавува ППН Енклава (2020) и постигнува голем комерцијален успех. Застапена е во многу зборници, интернет-списанија и учествувала на бројни поетски настани. Нејзините песни се преведени на англиски, француски, грчки, хебрејски, и сега за првпат на македонски јазик.
Само сакам некој да го расклопиме
тракторот на татко ми во тишина
јас сум шмекер-девојка
имам ноже во џебот
и жица во брусхалтерот
го ставав срцето под хипотека
сакав да градиме дом
сега не сум сигурна
дали некој од нив ме сакаше
но го пуштив минатото тоа и да остане
јас, татко, прва се пробивам низ снегот
и цветам, како кукурек
бирав храна, останував касно
нема корист од таквите, велеше
а знаеш тато, јас каква жена ќе бидам
јака како лозинка на имејл
нема да се шминкам, ќе се хранам здраво
на моето чело ќе пишува органик
нема да одам сама
ќе бидам девојка-ајдучка трева
онаква каква никогаш не би оженил
ќе издржам кога удираат громови
во трафостаница, кога спикерот зборува
не излегувајте без итна потреба
а пензионерите кршат колкови на тротоар
сама сум, тато, бидејќи сум лутиче-девојка
мелем, ако ме наслониш на кожа
а кога ме држиш предолго, отворам рани
јас сум свежа билка, тато, и суво сум билје
кое на таванот чека да ставиш чај
само никогаш не почувствував дека сум
мајчина или твоја душица
но, простив
тракторот стартуваше в зори и се враќаше
кога ќе падне мрак
не е време
за мене напорно работеа моите родители
Дал’ тагата е од село?
треба да се насоберат суви
багремови дрва, да се наложи пампурот
дедо купи еден на пазар
за десет минути би нè истерал од собата
треба да се научи како се цепат дрва
додека си уште дете
што поцврсто ја стегаш секирата толку побрзо
ќе се умориш
плускавци на дланките
би требало да се завземе сопствената душа
како парче земја, да се наводнува со бистрина
да се засади со зимзелени билки
да се исплеви потребата било кој да те
разбере
би требало, дефинитивно, да се засади нешто
би требало срцето да му се даде топтан
некому
кој не меша љубов и акционерско друштво
да се биде среќен, да се биде благодарен на
пампурот
долго време само тој сакаше да ме грее
би требало да се знае дека не е точно
дека Господ на третиот пат помага
прашајте ги моите родители





