„Роња, ќерката на ограбувачот“ – добредојден нов театарски ветер

Актерите на Театарот за деца и младинци ќе ја изведат претставата на 26 јануари во 19 часот на нивната матична сцена. 

„Роња, ќерката на ограбувачот“ е последната премиера на Театарот за деца и младинци во Скопје. Најавувана како поразлична од сè што во последните години е работено на нивната сцена, од аспект на концепт, идеја, реализација, може да се каже дека впечатокот на креативниот кадар и на публиката е ист.

Чешкиот режисер Јакуб Максимов навистина донесе нов ветер што е секогаш добредојден. По речиси три години на затвореност и жувуркање на театарските сцени, отворањето на вратите за гости од странство и тоа внимателно избрани, е повеќе од неопходно. Посветен на кукларството и куклениот театар, Максимов воопшто не го криеше восхитот од актерите на Театарот за деца и млади, со кои работеше.

Актерите беа сè на сцена – актери, пејачи, куклари, реквизитери и уште што не. Прекрасно искоординирана актерска екипа, која на малата сцена правеше магија. Докажаа колку се вредни за почит, што се умеат да прават и колку со љубов истото го прават.

Ангела Димитрова, Матеа Јанковска, Петар Стојанов, Никола Наковски, Мики Анчевски, Катарина Илиевска-Силјановска покажаа хармонична актерска игра и уиграност, што е особено важно за претставите во кои доминира ансамблот.

Не изненадува фактот зошто токму оваа тема ја избрал режисерот Максимов за да се претстави пред македонската публика. Инспириран од романот на Астрид Линдгрен, романот „Роња, ќерката на ограбувачот“ укажува на тоа колку е важно децата да се учат на слога, да не се делат по разни основи и посебно, со љубов и внимание да ги решаваат своите проблеми. Така тие ги учат и возрасните многу важна лекција дека со омраза не се решаваат конфликтите.

Сите актери се прекрасни на сцена, а ппсебно е да се истакне влогот на Ангела Димитрова и на Петар Стојанов во претставата. Најмногу трансформации, гласовни, свиреа и инструменти  – Ангела – виолина, Петар – гитара.

Многу практични решенија сценографски ни понудила гостинката од Полка, Олга Зјебињска, која ја даде и идејата за интересните кукли.

„Роња, ќерката на ограбувачот“ (преку драматизацијата на Горјан Милошевски) не потсети уште еднаш колку е важно творештвото на големата Астрид Линдгрен и колку е важно таа во нашата преводна литература да не остане само на мегапопуларното четиво „Пипи со долгиот чорап“.

Претставата е подеднакво интересна и за возрасната публика, како и за децата. И многу важно, дава решенија што ги замислуваат децата, им отвораат прашања без да им дадат точни одговори, а на тој начин ги мотивираат самите да донесат заклучоци.

„Роња, ќерката на ограбувачот“  е полн погодок за новата театарска 2023 година. Дефинитивно е предизвик за децата над 7 години, но и за возрасните. „Роња, ќерката на ограбувачот“ е докажува дека гледалиштето на омилениот детски театар, дефинитивно, треба да се зголеми час поскоро.

Сподели