Најновиот роман на германскиот писател Даниел Келман, „Тил“ неодамна е објавен во издание на „Артконект“ од Скопје, во превод од германски на Катерина Јосифоска. Делото е објавено во рамки на проектот „Пораки на надеж: инспиративна европска литература“ со поддршка на програмата „Креативна Европа“ и Министерството за култура на Македонија.
Инспириран од фолклорните приказни за легендарниот лик Тил Ојленшпигел, Келман во својот роман гради суптилна и сложена приказна која балансира на границите на реалноста и ја преиспитува моќта на книжевноста. Започнувајќи го своето патешествие од едно мало германско село, па стигнувајќи сè до кралските дворови на големите владетелски династии, Тил се обидува да ги открие големите загатки на животот за љубовта, моќта, знаењето, среќата, а притоа, сосем случајно, ја открива бесмртноста.
Критиката го оценува „Тил“ како досега најдобриот роман на Келман во кој авторот ја продолжува германската традиција на раскажување приказни „која досегнува сè до браќата Грим, па и подалеку“ – напиша Салман Ружди.

Даниел Келман (1975) е роден во Минхен. Често го споменуваат како најзначајниот автор од помладата генерација во германската литература. Уште со своите први романи достигнува огромна популарност и светска слава. Добитник е на некои од највисоките германски и меѓународни книжевни награди. Пишува проза, драми и есеи. Автор е на романите: Требаше да си одиш, Мерење на светот, Јас и Камински, Времето на Малер, Слава, Ф. а со романот „Тил“ беше во најтесниот избор за меѓународната награда „Букер“ во 2020 година.
Катерина Јосифоска е родена во 1982 година во Скопје. Дипломирала во 2005 година на Филолошкиот факултет во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност, а во 2009 година се стекнала со титулата доктор на науки. Преведува од германски, шпански и од англиски јазик. За својот преведувачки труд ги добила наградите „Пол Целан“ во 2012 година и „Златно перо“ во 2015-та.





