„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Русинката“ на познатиот романски писател од 20 век – Џиб Михаеску, во превод на Ирина Кроткова. „Русинката“ е ремек-дело на еден од најголемите романски класици. Дејството се одвива некаде во граничната област меѓу Романија и Русија, на реката Днестар, каде што се воспоставуваат опасни врски меѓу романски поручник, локалното население и руски бегалци по Октомвриската револуција.
„Русинката“ е еден од најдобрите воени романи, иако во него нема борбени дејства, но во кој има романтичниот порив спрема жената и во кој е одразена трагичната реалност на последиците од револуцијата, дури и кога таа се случила на другата страна на реката. Талентиран хроничар на своето време, низ перипетиите на бегалците и активностите на безбедносните сили, Михаеску во „Русинката“ создал воен роман во форма на модерна бајка. Во него силно се манифестира естетиката на романскиот модернизам, со метаморфо-зата на реката што ја доживува нараторот, интензивните еротски сцени пренесени многу емотивно, натуралистичките сцени на човечкото страдање, како и психолошките размисли и дијалози.
Во ова дело е присутна и горчливата иронија на времето, која е во контраст со идеализираната слика на жената на рускиот романтизам од претходната ера и уметничката репродукција на колапсот на овие идеали во суровото модерно време. Така, романот е своевидно возбудливо и оригинално читање на делата на Достоевски, Толстој и Тургењев во романска перспектива, што е нивно хронолошко и уметничко надополнување и контрапункт.
Џиб Михаеску (1894 – 1935), чие вистинско име е Георге И. Михаеску, е романски прозаист и драматург, еден од најголемите во романската литература во првата половина на 20 век. Роден е во 1894 година во Драгаши, Романија. Посетувал основно училиште во родниот град, а гимназија во Крајова, во Слатина и во Рамнику Валчеа. Се вратил на училиште во Крајова во 1909 година, а конечно дипломирал на Националниот колеџ Карол I во 1914 година. Поради незаинтересираноста на Михаеску за учење, повеќе години поминал во школување. Во 1914 година се запишал на правниот факултет во Букурешт на инсистирање на неговиот татко, кој бил адвокат. До 1916 година кога Романија влегла во Првата светска војна, Михаеску не положил ниту еден испит во текот на две години студирање. Мобилизиран во есента 1916 година, три месеци го посетувал офицерско училиште во Ботошани.
Во 1919 година, станал уредник во весникот „Тара ноуа“. Во 1920 година заминал во Клуж, каде, заедно со Цезар Петреску и Адријан Маниу, го основал списанието „Џандиреа“. Се вратил во Букурешт во 1922 година и следната година дипломирал право. Ја напуштил работата во весник и се занимавал со адвокатура. Потоа, предавал граѓанско право и трудово право во Драгашани од 1926 до 1929 година. Починал на 41-годишна возраст од туберкулоза.
Наспроти незаинтересираноста за учење, Михаеску покажал извонреден талент во литературата. Неговото прво објавено дело е расказот „Прва линија“ (1919). Првата објавена книга била збирката раскази, „Грандифлора“ (1928). Неговата драма „Павилјонот во сенка“ (1928) постигнала огромен успех во Букурешт. Напишал пет романи: „Раката на Андромеда“ (1930), „Русинката“ (1933), „Чоколадна жена“ (1933), „Деновите и ноќите на задоцнетиот студент“ (1934) и „Дона Алба“ (1935). Автор е уште на книгите со раскази „Веденија“ (1929) и „Сонот“ (1935).
„Русинката“ е второ дело на Џиб Михаеску преведено на македонски јазик, по романот „Дона Алба“, исто така во издание на „Македоника литера“ (2022).





