Во организација на Културно-информативниот центар – Битола, во присуство на голем број љубители на литературата, деновиве беше промовиран романот „Арагон“ од авторот Михајло Свидерски. Промотор на делото беше истакнатата македонска писателка Фросина Пармакоска, која на внимателен и прониклив начин го доближи овој моќен роман до публиката. Романот е структуриран во три тематски целини: Овој свет (Олам ха Зе), Светот што доаѓа (Олам ха
Ба) и Дрвото на животот (Ец Хаим). Свидерски во него ја отвора болната тема за судбината на Сефардските Евреи во Битола, нивниот секојдневен живот кој одеднаш е прекинат од војната и нејзината безмилосност. Главната приказна го следи животот на Алегра, жена заробена во брак без љубов, која наоѓа утеха во љубовната врска со Јешуа. Но, нивната љубов, иако искрена, завршува трагично кога љубоморниот сопруг Рахамим го убива Јешуа. Во атмосфера исполнета со страв и темни предчувства за претстојната депортација, на сцената доаѓа и едно убиство што ја потресува заедницата. Во паралелната нарација се јавува младиот Елиезер, кој по случајност избегнува депортација и се вљубува во Марија.
Во поговорот на книгата, реномираната книжевна критичарка и универзитетски професор Елизабета Шелева ќе истакне: „Арагон на Свидерски е длабоко проникнат со парадоксалната метафизика на загубата и тежината, вградена во чинот на принудниот избор, и со ироничната логика на светот што му се разоткрива на Елиезер, како оксиморонски исход
од неговото бегство – чин што станува негова судбина.“
Промоцијата во Битола не беше само книжевен настан, туку и силен потсетник на историјата, емпатијата и човечноста кои го надминуваат времето и трагедијата.





