Пишува: Трена Јорданоска
Кон јубилејниот концерт 20 години со делата на Бете Илин, што се одржа на 12 ноември 2023 година во малата сала на Филхармонијата
Јубилејните концерти се секогаш одличен повод да се сумираaт резултатите од вложените напори и професионалниот растеж на уметникот во определен временски период. Jубилејниот концерт на Бете Илин ја одразува нејзинатa богата активност во изминатите 20 години исполнети со бројни нови дела и бројни изведби пред домашната публика, како и нејзината отвореност за контакти и ориентираност за бројни изведби во странство. На сцената на малата сака на Филхармонијата прозвучија нејзини осум дела за различни изведувачки состави, сите придружени со гудачки оркестар предводен од Ребека Тонг, гостин-диригентка од Индонезија. Сосема е јасно дека во денешно време, во кое исклучително тешко се доаѓа до изведба и изведувачи, да се организираат во целовечерен концерт гудачки оркестар и 13 солисти е неверојатен зафат, особено кога тоа се прави во сопствен менаџмент.

Вo концертната програма Бете Илин конципирала осум дела за солистички инструменти и гудачки оркестар, сите со конкретни наслови (наместо вообичаените општи музички наслови симфонија, соната, концерт и сл.), кои што треба да направат асоцијација со музичката содржина: Sunrise за дуо хармоники, Kokett за дуо флејти и пијано, Ad Astra за соло хармоника, Lumin за виолина, Dafino за соло хармоника, Done за соло хармоника, Felem (Мачка) за соло пијано и Alisios (добриот ветер на Атлантски Океан чии бранови треба да те донесат дома), за 30 прсти пијано. Значајно е да се спомене дека делата Ad Astra и Felem беа премиерни изведби, а останатите дела, со исклучок на првото дело на програмата, Sunrise, беа премиерни изведби на верзии за солистички инструменти и гудачки оркестар.
Гледајќи ја сумарно концертната програма, може да се каже дека Бете Илин гради сопствен композиторски израз преку кој таа веќе би можела да се идентификува во иднината.
Поентата на овој израз е во ритамот, како преку метриката, така и преку ритмичките фактури. Тој ритам има една пулсирачка константа во која многу често се појавуваат сложените нерамноделни метрички структури произлезени од поднебјето кое Бете Илин ја опкружува во целиот нејзин досегашен живот. Таа ритмика е соодветна на пулсирачкото време во кое живееме и која посебно е карактеристична за некои од популарните жанрови, како на пример, техното, делови на рокот, џезот итн. Всушност, во делата на Бете Илин преовладува перкусионистичкиот елемент и тоа е видно не само во фактурите на овие композиции, туку и во појавата на удари на корпусите на инструментите, кликови со прстите и сл. И изборот на солистичките инструменти погодува на овој пристап.

Во програмата се појавија четири композиции за хармоника и две композиции за пијано што доволно илустрира дека акцентот не е даден на кантилената, туку на ритамот – нешто што е веќе доминантно присутно во поголемиот дел од целокупното денешно музичко опкружување. Сепак, Бете Илин не бега од мелодиозноста и таа проблеснува посебно преку гудачкиот оркестар во кој наместа доминираше полифонијата, што по дифолт е спротивна на хомофониот слог, кој со самото тоа што означува водечка линија и придружба, веќе во придружбата почнува да ја исфрла во преден план ритмичката компонента. Во тој концепт на мелодиозност секако придонесуваше и употребата на фолклорни заемки од популарни примери од македонскиот фолклор на кои Бете Илин се обидува да им даде нов конотациски призвук. Во својот израз Бете Илин ја задржува тоналноста и се обидува оригиналноста да ја гради преку овие средства за кои веќе зборувавме.
Сите изведувачи многу сериозно и со голем жар и посветеност ги подготвиле и ги изведоа делата со висок степен на ангажираност, за што заслужуваат посебен комплимент. Клучот е во изборот на диригентката Ребека Тонг, која исклучително професионално и студиозно пристапила кон разработка на партитурите, подготовка на ансамблот и солистите, кои, да потенцираме, немаат редовни заеднички настапи, и направила атмосфера на мошне добра соработка која придонесе за кохезивноста во изведбите. Ништо помалку и не може да се очекува од носителка на прва награда на првото издание на меѓународниот натпревар за диригентки “La Maestra” во Париз во 2020 година, a воедно носителка на наградите на телевизијата ARTE и на француските концертни сали и оркестри кои ги освојува на истиот натпревар.

Изведбите беа доверени на солистите: за првото дело, Sunrise за дуо хармоники на Христијана Матеска и Софија Мирчевска, студентки по хармоника од класата на проф. Зорица Каракутовска, во Kokett на флејтистките Симона Марочковска Манојловска и Даниела Неделковска и пијанистката Светлана Димитриевска, во Ad Astra солист беше хармоникашот Филип Петрески, во Lumin Памела Велкова, студентката по виолина во класата Олег Кондратенко, делото Dafino го изведе Мирко Патарини, Done Зорица Каракутовска, во Felem настапи пијанистката Марија Ѓошевска и Alisios го изведоа пијанистите Марија Вршкова, Весна Ангелова Христов и Петар Макариевски. Гудачкиот оркестар, во најголемиот дел составен од македонските филхармоничари, беше предводен од концерт-мајсторот Владимир Костов.

Видливо е дека Бете Илин ги следи најсовремените изведувачки трендови за инструментот хармоника, одржувајќи ја врската со врвни уметници на инструментот во светски рамки, како италијанскиот уметник Мирко Патарини, меѓу другото, во неколку наврати носител на функцијата претседател на Меѓународната асоцијација на хармоникаши (Confédération Internationale des Accordéonistes) со седиште во Хелсинки. Рамо до рамо со него, во моментов потпретседател на споменатата CIA, е македонската најуспешна уметница на инструментот, воедно една од најпризнатите музички педагози со редица концертни уметници произлезени од нејзината класа, Зорица Каракутовска. Со неа Бете Илин остварува долгогодишна соработка, може да се каже, од самите музички почетоци и, како и во случај со овој концерт, двете се заслужни за популаризација на инструментот во нашата средина во сосема поинаков контекст и жанрови од традиционалната и етнопоп македонска музика. Токму творештвото на Бете Илин придонесува хармониката да се појави како солистички инструмент со симфониски, камерен и гудачки оркестар, нешто што ретко се случува во концертните сали. До денес нејзиното име е идентификација за композиторско творештво за хармоника и веројатно единствено меѓу композиторите не само во македонската музичка средина, туку и пошироко во регионот, со разновидно и значајно по обем творештво за него.
Концертот започна со најмладите изведувачи, Матеска и Мирчевска како дуо хармоники во делото Sunrise, кои веќе прикажуваат уметничка и сценска зрелост и во целост ја оправдуваат привилегијата да се биде во класата на Каракутовска. По ова впечатливо солистичко музицирање со оркестар им посакуваме отворени можности и подготвеност за соочување со музичкиот свет полн со предизвици.

Следеше делото Kokett напишано за солистичкотo трио составено од дуо флејти – Марочковска Манојловска/Неделковска, и Димитриевска на пијано, кои со својата исполнителска воедначеност како камерен состав одлично се справија со 5/4 ритам (во акцентски комбинации со кои се добива 10/8) кој пулсира во нагорна динамичка линија од почетокот, па сè до крајoт на композицијата.
Артикулациска разновидност и техничка спретност, а потоа мелодиозност во каденцниот дел на делото Ad Astra презентираше еден од највиртуозните македонски уметници на хармоника, Филип Петрески. Произлезен од класата на Каракутовска, овој млад уметник е значаен исполнувач на творештвото на Илин во текот на целото негово школување, а денес е негов промотор во самостојните рецитали.
Младата виолинистка Памела Велкова, од класата на Олег Кондратенко, поддржана од оркестарот и пијанистката Марија Ѓошевска, оствари јасна, контролирана и енергична изведба на композицијата Lumin која e напишана на подлога на 4/4 ритам (со латентна нерамноделна 14-ка, повторно своевидна полифонизација на ритмичкото ткиво) и поставена во спикато техники. Интересно е да се напомене дека првата верзија на делото е за виолончело и хармоника.

Средиште на концертот беше творештвото на Илин инспирирано од ризницата на македонскиот музички фолклор и тоа: песната „Дафино вино црвено“ која е основа на композицијата Дафино – ја изведе Патарини, за кого е и напишана, со премиерна изведба на Светскиот ден на хармониката одржан во Скопје во 2022 година; и песните „Се посврши сербез Донка“, „Не се фаќај Доне, Донке“ и „Не стој Доне, Донке“ како појдовни тематски материјали за композицијата Доне, која се врзува со изведбите на Каракутовска. Патарини со восприемен ритам, во длабоките регистри на инструментот, експресивно и сугестивно ја оформи мелодиската линија, и во изведбата наметна асоцијација со сеопшт словенски фолклор (на пример, призвук на руска народна мелодија): да, Дафино е неговата пансловенска песна. Непогрешлива музичка логика, критериум, смисла, професионалност, харизма, светлост, верба – сето ова беше концентрирано во инспиративниот настап со ритмички игри на Каракутовска, со кој беше заокружен делот со изведбите на ветераните на инструментот хармоника.
Концертот заврши со дела за инструмент кај кој заедничко со хармониката му е само во клавијатурата. Марија Ѓошевска како солист на пијано брилираше во Felem, дело во кое е доловен звукот и ритамот на аргентинското танго на Пјацола; може да се смета за омаж на овој посветен уметник на хармониката/бандеонот од другата страна на светот, овде сместено во пијанистичка фактура. За оваа единствена пијанистка и една од најуспешните пијанистички педагози во македонската пијанистичка историја, Илин низ сите овие години создава пијанистички опус. И во дело изведувачите се јавува своевиден контрапунктирачки ритам (интерполирање на бинарни единици и триоли врз основната 6/8 структура) што претставува предизвик за изведувачите.
Илин со својот композиторски јазик базиран на гротескен звук, искршени нерамноделни ритмови, енергична народна игра, глисанда, кликови и перкусионистички пристап кон инструментот (асоцијација на удари на океанските бранови во бродот) го проследува и уникатниот состав „30 прсти пијано“, Вршкова, Ангелова Христов и Макариевски, со делото Alisios (напишано е за нив), како ефектна завршница на концертот.
Посебна новина на ваков јубилеен концерт беше модераторот Огнен Јанески кој со стручните осврти проткаени со својот одмерен хумор и препознатливиот радиофоничен бас создаваше прекрасен воведен амбиент за секоја следна изведба.
Бете Илин со своето богато јубилејно претставување пред публиката се потврдува како многу сериозен играч на современата македонска композиторска сцена, со неисцрпна мотивација непрестано да создава и на тој начин да го одразува квалитетот и континуитетот во сопствениот композиторски развиток.





