Ретроспектива на Владимир Темков во Чифте амам

Ретроспективна изложба на творештвото на Владимир Темков ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Чифте амам, во Старата скопска чаршија. Ќе бидат изложени дела од сите циклуси на неговото творештво. Темков е присутен на македонската и тогашната југословенска ликовна сцена од 1980 година, а со изложбата одбележува 40 години од неговата прва самостојна изложба. Во сиот период учествува на изложби во Македонија и тогашна СФРЈ, како и на многу меѓународни изложби, колонии, симпозиуми…

– Со текот на годините тој ги фиксира своите визуелни потраги. Создава сопствена тематска матрица со заеднички обележја и компонирање на елементите во линеарни и хроматски решенија, со кои достигнува занимливо рамниште на експресивност. Иако работи на повеќе тематски и концепциски циклуси, евидентно е проткајувањето на веќе утврден ликовен модус во сите циклуси и негово постојано испреплетување – велат од Националната галерија.

Основното тежнеење на Темков е да создава како што чекори, да слика како што дише. Идеал му е природната едноставност, па тој слика во динамичен дух, со слободни и моќни потези, а во исто време кротко и контемплативно, пренесувајќи повеќезначни мисловни пораки. Тоа, пак, води кон една динамична композиција на бојата во допир со природата, каде што сѐ е во движење и менување. Инспирацијата ја црпи од природата и природните богатства, како и од духовните извори на човековото општество, од различни области како што се литературата, историјата, традицијата, музиката, драмата, науката, односно од самиот живот. Неговите дела прикажуваат низа феномени од природата, но го покажуваат и неговиот широк културен хоризонт, каде на лирично-експресивен начин се претставени видливите, но и духовните предели од родната Тиквешија. Во неговите дела доминира чувството на слобода – слобода на боите и формите, испреплетување на земјата и небото, материјата и духот, облиците на реалноста, но и на сонот, при што уметникот проникнува во повеќеслојноста на видливото.

Темков е роден во Кавадарци во 1959 година и потекнува од работничко семејство. Основно образование завршил во родниот град, а средно уметничко училиште и Педагошка академија завршува во Скопје во класата на професор Ванчо Георгиевски. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности на отсек графика дипломира во класата на проф. д-р Трајче Блажевски. Магистерски студии, отсек сликарство завршува на Факултет за ликовни уметности, Скопје во класата на проф. Благоја Маневски. Живее и работи во Кавадарци. Основач и организатор е на Меѓународната ликовна колонија, „Кавадарци-Михајлово“ од 1996 година. Добитник е на многу домашни и меѓународни признанија од областа на ликовната уметност.

Сподели