Културно-историските и регионално-етнографските контекстуални случувања во последниве неколку децении создадоа неправедна тензија помеѓу народниот дискурс и изведбените практики на македонскиот (регионалниот) изворен мелос
Пишува: Звонко Димоски
Изворната музика само привидно се чини вкоренета единствено во минатото, бидејќи денес, за среќа, истата е актуелна како никогаш претходно. Тоа е жанр, којшто во светски рамки доживува поголема еволуција отколку што ние како слушатели можеме да си претпоставиме.
Културно-историските и регионално-етнографските контекстуални случувања во последниве неколку децении создадоа неправедна тензија помеѓу народниот дискурс и изведбените практики на македонскиот (регионалниот) изворен мелос. Причини има многу, но со појавувањето на продорни познавачи и истражувачи на изворниот бит, анализиран и доживуван надвор од своите нормирано востановени граници, односно размислуван отаде географијата, отаде зборот и отаде мелодијата, домашните изведувачки традиции беа поставени како ентитети кои се, и треба постојано да се развиваат. Истото, со цел свесно да се трансформираат во една од алатките за (ре)конструкција на македонскиот (регионалниот) културен идентитет, станувајќи на тој начин дел од светското културно наследство.
Некои, не само музички традиции, туку и видни уметници, намерно загледуваат во минатото со идеја и потреба истото повторно да го (ре)дефинираат, притоа втопувајќи го ненаметливо преку музиката чувството за национално-културен идентитет во сегашноста и иднината. Мошне убедлив, би додал веќе и очигледен, е случајот со дуото Добрила Грашеска и Дориан Јовановиќ, кои својата, и иднината на материјата со која се зафатиле при концептуалното создавање и изведба на нивниот втор заеднички проект „Пиле шарено“, неотповикливо ја обезбедиле, бидејќи тие не само што ги (ре)актуелизираат, тие ги (ре)осмислуваат одбраните изворни песни, како нови засебни композиции.
Една од најважните вредности на ова интердисциплинарно препрочитување на сложениот феномен, каков што несомнено е домашното орално и музичко раскажување е мноштвото од зададени контексти, кои не завршуваат само на малтене очигледните граници од географијата и културата, туку и значенско-интерпретативно откриваат бројни нијанси на втемелена емоционалност, индивидуална лукавост, прикриена сексуалност и слично, разоткриени низ експерименталните имагинативни и субверзивни талкања на грлото на Грашеска и непркосната виртуозност во создавањето и ослободувањето на звуци од утот во рацете на Јовановиќ.
Двајцата заедно носат една беспрекорна синергија на широк израз и хармонија, во која не само што се надополнуваат, туку истовремено си создаваат безбедно тло за неочекувани гласовно-аранжерски решенија кои напати им пркосат на нормираните етно-очекувањата. Креативен ризик, во кој безрезервно се втурнале за да се осмелат да понудат решенија кои неправедно би било да ги споредуваме со слични експресии од регионалната и светската етно музика, бидејќи вториот албум веќе сигурно потврдува дека Дуото размислува на веќе сопствен изграден код.
Нивниот совршено изграден дијалошки амбиент на безбедно чувство при заедничкото музицирање, им дозволува на двајцата уметници моменти на индивидуална интерпретативна моќ, која никогаш не е осамена, бидејќи постојано комуницираат преку создадените од нив музичко-наративни дихотомии, во кои освен музичка хармонија, ги доловуваат чувствата и состојбите на лирските предмети во одбраните песни. Притоа, секоја песна е формирана и донесена како засебна приказна, како фолклорна бајка која со нададените нови значења и начините на доловување на карактерот на ликовите, остава простор за искуствено епско доживување на целиот контекст. Ако утот на Јовановиќ е наравот, тогаш гласот на Грашеска е чувството во секоја песна, низ кои водени сме со раскажување, кое несвесно не вовлекува во својот искуствен вртлог.
Во „Пољак да бидам“, брзо ни станува јасно дека си имаме работа со прикриениот еротизам во народното творештво. Додека Грашеска се претвора во додворувачка, Јовановиќ преку забрзано темпо ги воведува ритуалните танци за плодност и добра жетва.
Гласовно-експресивните импровизации во „Прошетала се Калина“ откриваат низа позадински имагинативни значења како озборувањето, наговестувањето на зулумот, семејните расправии, како и неочекуваниот избор на Калина, односно Никола Ајдукот, а на братот Стојан (Го забележавте смеењето на Грашеска?).
Во изградената меланхолија, несвојствена за нашиот фолклорен израз, дуото ја доловува питомата болка на преубавата „Ѓурѓа“.
Најизненадувачки е донесена приказната за „Ибраим Оџа“, која е формирана како сосема нова композиција, најавена со пресугестивното проколнување во почетниот стих (Обрнете внимание како Грашеска ја артикулира именката Бог!), за да подоцна грлото што проколнува биде грлото од кое говори самиот Ибраим. А најавуваниот колеж е надополнет со заменски темпа на танц, коњски копита и тревога.
Најкомплексно решена и изведена е „Елај, Ристе, Елај“ во која Грашеска почнува да го мами, да му се додворува на Ристета, за да окуражена од Јовановиќ излезе на мегдан со заемно, и одделно, премудрување на двајца вљубени.
Дуото многу реално и игриво ја слика Баба Марта во Море пофали се како луда и непредвидлива, создавајќи атмосфера на вистинска брканица, во која утот во галоп го брка гласот на фалбаџика Марта.
Како тажачка при интерпретацијата на „Више село“, Грашеска ја олицетворува тагата на бела Неда и стравот од чумата, пренесувајќи нè во пригушената селска атмосфера во која прапоти сè наоколу, но владее значенска тишина кога Неда е молена за платно за чумчињата.
„Мори, деј Невено“ е страсната романса која му е потребна на новото време, идниот евергрин за игранки.
Давајќи им на песните, и на во нив одбраните мотиви вакви значенски содржини, овој дел од домашниот репертоар на изведувачки традиции, Добрила и Дориан Дуо, не само што како (ре)осмислен го внесуваат, туку и трајно го впишуваат во македонската (балканската) културна меморија. Нивниот пристап, претставен како современ концепт на искуствена комуникациска технологија, несомнено ќе ги обликува начините на гледање/слушање на домашниот и регионалниот фолклор, со реални шанси истиот да влијае врз тоа како сите ние ја сфаќаме и доживуваме музиката, културата, наследството и заедничката културна меморија.
Авторот е културолог, преведувач и препејувач, едукатор, долгогодишен предавач на Универзитетот „Адам Мицкјевиќ“ во Полска, идеен креатор и менаџер на проекти од областа на културата и социјалното претприемништво.





