Во Музејот на современата уметност во Скопје денеска во 18 часот ќе биде отворена изложбата „Во потрага по нешто“ од реномираниот британски уметник Ричард Дикон, добитник на Turner Prize (1987) и претставник на Велс на Венециското биенале (2007). Ова е прва самостојна изложба на Дикон во Македонија.
Тој е скулптор чија повеќедецениска скулпторска практика претставува впечатлив и препознатлив пример за континуирано преиспитување на смислата и значењето на константите и конвенциите на западноевропската скулпторска традиција, како и нивно редефинирање и реконцептуализирање во рамките на современата скулптура и уметност.
Изложбата ги опфаќа циклусите скулптури на Дикон со мали и средни димензии, изработени во дрво: „UV84DC“ (UW84DC) и „Во шумата (Дух, Мечка, Мала мечка, Лилјак и Ѕвер)“ / In the Woods (Ghost, Bear, Small Bear, Bat, Beast), нерѓосувачки челик: „Одење“ (Tread, и глазирана керамика: „Сочинето од ова“ (Made of This), создадени главно во текот на оваа и минатата година, како и серија дигитални принтови на полиестер – зголемени цртежи направени во апликацијата Notes на iPhone: „Втор мотив“ (Second Motif).

– Доследен на својата работна метода, која се одликува со систематски пристап кон материјалот и јасни процедури преку кои материјалот го трансформира во форма, Дикон и во новосоздадените серии скулптури продолжува да ги истражува динамичните корелации меѓу формата и перцепцијата, внатрешното и надворешното, масата и просторот, односот меѓу длабочината, површината и структурата, апстрактното и (не)посредното – пишува вп текстот о каталогот проф. д-р Јасмина Чубрило/
Ричард Дикон (1949, Бангор, Велс, Обединетото Кралство) живее и работи во Лондон. Дипломирал на Уметничкото училиште „Сент Мартинс“ во Лондон (1972) и магистрирал на Кралскиот уметнички колеџ во Лондон (1977). Од 1981 година учествувал на бројни значајни групни изложби ширум светот, вклучувајќи ги Биеналето во Сао Паоло (1983), Карнеги Интернационал (1985), Биеналето во Сиднеј (1989) и Документа IX (1992).
Дикон ја добил престижната Тарнерова награда во 1987 година, која ја доделува галеријата „Тејт“. Добитник е на многу други награди и признанија. Во 1998 година е избран за член на Кралската академија, а во 2010 година за член на Академијата за уметност во Берлин.
Титулата Витез на уметноста и книжевноста во Франција му е доделена во 1997 година, додека во 1999 година е одликуван со титулата Командант на Најизвонредниот Ред на Британската Империја. Универзитетот во Лестер му додели почесен докторат во 2005 година. Изложбата е реализирана во соработка со Британскиот совет, Дотс Галерија, Министерството за култура и туризам и Британската амбасада во Скопје.





