Пеколен спектакл на Дејан Пројковски и Сашо Димоски во Велешкиот театар

Целата актерска и техничка екипа на Велешкиот ансамбл и поканетите гости, успеале во реализацијата да доловат сè од идејната замисла на Дејан Пројковски, којшто пак сите вклучени ги предизвикал да создадат уникатна кореографско-сценска–музичка уметност, која не се двоуми и многу добро знае каде треба да се упати

Пишува: Звонко Димоски

„Пеколот“ на Данте Алигиери е првиот дел од неговата триделна епска поема „Божествена комедија“ (Divina Commedia), творба која се смета за едно од најврвните и најкомплексните дела во светската литература. После „Пеколот“ (Inferno) следуваат „Чистилиштето“ (Purgatorio) и „Рајот“ (Paradiso), а „Инферно“ го опишува патувањето на Данте низ пеколот, воден од поетот Вергилиј, повикан преку ангелот од Беатриче, за да го води и заштити Данте на неговото патување низ 9-те кругови на Пеколот, односно низ: Неизвесноста, Страста, Ненаситноста, Алчноста, Гневот, Ересот, Насилството, Измамата и Предавството. Откако ќе се пробијат низ сите кругови на пеколот, Данте и Вергилиј стигнуваат до центарот на пеколот, каде што го среќаваат Сатаната, една од неколкуте сцени кои ја потврдуваат вештината на Сашо Димоски како драматург, во клучни изворни текстови да напластува метафори и значења, пренесени од сродни дела на светската литература и историја на уметност.

Алегорискиот предмет на „Пеколот“ на Данте, во основата се оние кои заслужуваат казна за практикување на својата слободна волја. Во традицијата на многу средновековни коментатори на латинската (и италијанската) литература, на ова дело му се припишува припадност во полето на етиката, пробувајќи да ја долови сликата на тогашниот средновековен општествен, политички, филозофски, религиозен и културен свет. Накратко, содржаната материја го утврдува не само „Пеколот“, туку и целата „Боженствена комедија“ како дело на поетската теологија чија вистина како фикција лежи некаде помеѓу Библијата и Енеидата, поема напишана од Вергилиј (водачот на Данте), која ја раскажува легендарната приказна за тројанецот Енеј, кој бегајќи од падот на Троја, отпатувал во Италија.

Во историјата на западната книжевност речиси и да нема друго поетско дело кое акумулирало толкаво количеството на критичко и драматуршко внимание, како трилогијата на Данте низ годините. Taa, а посебно „Пеколот“ е огромно складиште на поетски изуми и знаења, коешто открива онолку, колку што и прикрива кога се испитува. Дејан Пројковски и Сашо Димоски ефективно се нурнуваат во оваа дарежлива песна која што наградува само поради вложена енергија во анализата и пребогатата симболичка напластеност, поема која самата, во суштина не се труди лакомо да го ангажира вниманието на своите читатели, доколку трудот и желбата не потекнат од нив самите.

Двајцата си дале задача, како и многумина пред нив, да ја решат, односно да пробаат кај Данте да го најдат моделот (капацитетот) според кој оваа врвна творба, не само што ќе го претставува, туку и ќе го реформира светот кој нè опкружува. Дејан Пројковски, Сашо Димоски и целата собрана екипа поставуваат на сцената на Велешкиот театар визулено-сетилно-наративно прераскажување на првиот дел од епската „Боженствена комедија“ на Данте, во кое убедливо го демистифицираат перформативното патешествие на Данте низ деветте круга на пеколот, кое се разбира има и свои ситни недостатоци, посебно кај дел од актерската екипата, за што ќе стане збор подолу.

Димоски и неговото несомнено огромно познавање на литературата воопшто, и театрологијата, соочено со пркосниот Данте резултира со мошне комплексно и длабинско читање на изворникот, но за среќа, со едноставни решенија во наративно водената драматургија, преку која гледачот веднаш станува заинтригиран, не само поради визуелно атрактивната постановка на сцената, туку бидејќи со многу помал труд може да си одговори на прашања кои се невидливи во читањето на текстот како поема: Што значи да се напише песна за себеси и притоа да се тврди дека Бог смешал раце? Какви се односите меѓу поезијата, историјата и теологијата? Зошто не треба/мора да се трудиме да разбереме како Пеколот станува дел од нас, бидејќи тој веќе тоа е? итн.

Болен танц на илузии, светла и движења кои создаваат стоички, скулптурен и физички предизвикувачи театар за секој вклучен член во реализацијата на „Инферно“, а посебно за позадинското тло во приказната, односно жителите на пеколот, кои неколку пати, непоколеблово и сигурно се наметнаа како подеднакво важни со главните протагонисти. Во ова смело, експериментално создавање на театар, вториот план, односно жителите на пеколот (Кети Борисовска, Симона Димковска, Благојчо Стојанов, Томе Станковски, Христина Цветановска-Станковска, Марија Баркова, Кристина Зафирова, Бранко Михајлоски, Илин Јовановски, Никола Петковиќ, Тодор Стојковски, Срна Дуковска, Леонида Гулевска) со својата одлична колективна игра и глас ја доловуваат уште повеќе суштината и кохерентноста на оваа одлична продукција. Тие отпадници потврдија дека претераната разголена игра на телото, лицето и гласот, не само што во случајов не пречи, туку е напротив потребна, и во перспектива заслужна за темелното и правилното читање на идејната замислата на творците.

Решенијата на кореографката Олга Панго и на актерот Васил Зафирчев, кој конечно повторно се навраќа на неговите почетоци, во кои сценските движења и мимиката почнуваа да стануваат неговиот препознатлив знак, се исклучително погодени и суштествуваат со идејните линии на сценско-костимографските одлуки на Валентин Светозарев и Раде Василев, и секако со покажаните манипулативни способности за сценска шминка на Зорица Цветковска, ефективно заокружени со визуелизациите на Борче Конзулов. Извонредно осмислени, пред сè групни сцени, втурнати во темнината со непрекинат калеидоскоп од ефекти, во кои реалното и виртуелното комуницираат преку создадени слики, преземени од најтемните и најтревожните дамари на Дантевиот Пекол.

Во дистрибуцијата на вистините во театарски и уметнички контекст, стаклото, односно создаваниот позадински отсјај во претставата и проектираното пеколно небо исполнето до магливи облаци од черепи и распаднати тела, играат дискретна, но сепак многу значајна улога. Искористените на сцената материјали, светла и звуци кои се движат помеѓу опструкција и амплификацијата, умешно искористени се за фокусирање и поделба на нивоата на сцените (круговите на пеколот) и секако за визуелна измама на гледачот. Пројковски и екипата успеваат да трансформираат канонска приказна, креирајќи мноштво мета-сцени со импресивно богата визуелна изведба. Се надоврзуваат на работата на неколку европски колективи и сценски дизајнери (на пример колективот Numen/For Use и Хуан Гомез-Корнехо) кои на сцената го комбинираат театарот со концептуалната уметност, индустрискиот и просторниот дизајн. Споменатиот колектив во 2005, соработувајќи со Томаш Пандур, учествуват во реализацијата на „Пеколот“ во Националниот центар за драма во Мадрид, каде искористувајќи голема четириаголна стаклена платформа, ја отсликуваат виртуелната локација на задгробниот живот.

Непоколебливот Исидор Јованоски како Данте, разбирајќи дека е ставен пред предизвик, кој ретко кога во театрите од внатрешноста е придружуван со комплексна екипа и сценски можности, до максимум ја искористува моќноста и дозволува да биде воден низ процес во кој тој самиот станал господар на неговото сценско тело и емоционалните напластени резерви, претворајќи ги истите во внатрешен одбранбен механизам низ круговите на пеколот. Јованоски и Зафирчев (Вергилиј) на сцената го доловуваат креативниот процес кој овозможил тие да останат присутни, автентични, приземјени и во постојана потрага за развој на подобри решенија, кои несомнено ќе бидат видливи во следните нивни партнерски изведби. Подеднакво импресивни во нивната партнерска работа се физички исцрпните сценски движења во талкањето и спуштањето на Данте во/низ пеколот. Инвентивните сценски решенија на Зафирчев, кои повторно го допираат современиот танц и алатката наречена тело, ги прават двајцата целосно ангажирани, моќно сурови и сензуални кога е потребно. Односно, тие не настапуваат, тие живеат на сцената.

Токму поради споменатите способности на целата ангажирана екипа, недостатоците во актерското креирање на одбрани ликови се незабележливи за невнимателните, сконцентрирани на можностите кои ги дава сцената и многу ефективно завршената работа на шминката, костимите, музиката и сценографијата. Елементи кои ги сокрија просечните остварувања на Кети Борисовска како Демонот на мајкоубијците, Симона Димковска како Ангелот на кривоверците, Благојчо Стојанов како Демонот на властољупците или Марија Баркова како Демонот на самоубијците. Кога сме веќе кај демоните, мошне убедливи се креациите на Фаик Мефаилоски, иако можеби не како страшно, но вешто будалесто Демонче на завидливите, одличниот Томе Станковски како Демонот на злобните, Христина Цветаноска како Демонот на прељубниците, Зорица П. Панчиќ како Непознатата и секако, субверзивната креација Жарко Спасовски како Луцифер, кој можеби немаше три глави како во делото, но остави простор за имагинацијата на публиката од различни генерации да си го олицетвори Луцифер во естетка блиска на нивното разбирање, односно интереси.

Горан Трајкоски и Сашко Костов се гении, кои искористувајќи ги можностите на својот талент, имагинацијата, апстракцијата и поетичноста на изворниот текст, музички ги надополнуваа тешките концептуални решенија на Пројковски, успевајќи да ги дофатат и изразат невидливите елементи и вредности на текстот (и театарот воопшто), односни потребите, желбите, љубовта, стравот, надежта, похотата, бесот, борбата, војните, измамата итн. Тоа што им недостасувало на Пројковски и Димоски во реализацијата на овој спектакл, преку создавањето на најразлични атмосфери и состојби го надополнува Сашко Костов, кој не создава само музика – тој на сцената игра со музиката и со своето тело во аголот, диктирајќи го темпото на Пеколот, а притоа не бидувајќи негов владетел.
Целата актерска и техничка екипа на Велешкиот ансамбл и поканетите гости, успеале во реализацијата да доловат сè од идејната замисла на Дејан Пројковски, којшто пак сите вклучени ги предизвикал да создадат уникатна кореографско-сценска–музичка уметност, која не се двоуми и многу добро знае каде треба да се упати, стоејќи на раскрсницата на театарот, литературата и илузијата.

Фотографии: Театар „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“

Сподели