Разговор со Јулијана Величковска во библиотеката „Браќа Миладиновци“

Авторката на „Годишни времиња“, која е книга на месецот, ќе биде гостинка вечерва во 19 часот во Спомен собата „Т’га за југ“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Разговорот ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерката Ива Милчова.

„Годишни времиња“ е кусо, но интензивно патување низ времето низ седумдесетина приказни од секојдневието, низ само навидум едноставни и банални нешта. Раскажувањето е едноставно, разбирливо, на одредени места прозата поминува во поезија, па и во музика. Јазикот е едноставен, секојдневен што го прави „Годишни времиња“ разбирлив за сите генерации, велат од библиотеката.

Се работи за првиот роман на Величковска, кој е објавен во 2014 година, а досега доживеал четири изданија. Во 2017 година, книгата е издадена и на бугарски јазик во превод на Поли Муканова. „Годишни времиња“ ќе биде тема и на Клубот на читатели на 25 март.

Јулијана Величковска дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, коосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор на „Поетска ноќ во Велестово“, Охрид. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Таа е автор на неколку стихозбирки и книга за деца.

Разговорот со Величковска е дел од кампањата на библиотеката #ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори што има за цел да ги доближи делата од современите домашни автори до што повеќе читатели.

Сподели