Авторот Бојан Таневски за својот расказ „Хектор“ ја доби првата награда на анонимниот конкурс за краток расказ „Тврдоглави“. На второ место е Анастасија Марковска со расказот „Тринастега“, а на трето – Марија Јовчевска со расказот „Кучешки празник“. Конкурсот беше наменет за млади писатели на возраст од 16 до 26 години. Вкупно 206 раскази пристигнаа, а нив ги оценуваше жирито во состав: Оливера Ќорвезироска, Владимир Мартиновски и Николина Андова Шопова.
Жирито констатираше дека најголемиот дел од пристигнатите раскази ги задоволуваат предвидените пропозиции, а десетина текстови, кои по обем се значително подолги и инклинираат кон новели и куси романи, беа исклучени од процесот на селекција.
– Жирито донесе одлука да издвои и три раскази кои заслужуваат пофалба: „Судиска грешка“ на Мартин Миљев, „Улицата на багремите“ на Кире Димитриевски и „Тремор“ – Калина Велковска. Иако кај сите наведени раскази можат да се забележат и одредени слабости, сите наградени и пофалени раскази се истакнуваат со одреден изграден, особен авторски стил. Секако, постои простор за подобрување и надградување, за авторско „растење“ кај авторите на овие раскази. Од она што овие текстови го нудат на стилски, идеен и естетски план, јасно е дека таквиот потенцијал е несомнено присутен. Станува збор за раскази кои сведочат за нови авторски писма и оригинални пристапи во уметноста на кусото раскажување – вели жирито.
Создавајќи фантазмагорична атмосфера, расказот „Хектор” нè води низ необичната, бизарна приказна: главниот лик брза на сопствениот погреб, во место во кое сите машки деца треба да бидат погребани. Дозата црн хумор во расказот е внимателно определена, а забележлива е и грижата за структурата и специфичниот раскажувачки ритам и стил. Текстот се доближува до фантастиката и дистопијата, иако поради хуморот и одредената доза метафоричност не можеме да го определиме како фантастичен расказ. Со специфичен, автентичен и уверлив стилски израз, авторот/авторката успева да раскаже возбудлива, интересна и заокружена приказна. Впечатлив е автентичниот раскажувачки пристап базиран на црниот хумор и функционална недореченост.
Расказот има интересна, очудена структура: рамката на случката е речиси исто долга колку и вметнатиот дел со „играта“, чијашто намера е да одолговлекува, впрочем, како што ја одолговлекува својата смрт и главниот лик – Хектор.
Трите пофалени раскази нудат една можна перспектива за понатамошен развој на одделни раскажувачки практики, надвор од помодноста и од трендот, слободно надоврзувајќи се на најразличните универзални раскажувачки практики во современата македонска книжевност, но и пошироко. Експериментирањето со формата, линеарното раскажување и постмодернистичките стратегии се широко отворени, рамноправно можни и за најмладите автори кои пишуваат на македонски јазик.
Конкурсот „Тврдоглави“ е во чест на еден од доајените на современата македонска книжевност, Славко Јаневски (1920-2000). Има за цел да ги поттикне и промовира младите писатели на македонската книжевна сцена.
Организатори се: Блу ИТЦС, Ротари клуб Скопје Камен мост, Принт Фактори, Исо Консалтинг, Данаи Фарм и Гастро Сервис Плус.
Поради големиот број на пријавени раскази, победниците ќе се објават на 19ти Февруари, а наградите ќе бидат доделени на 26ти Февруари.





