„Раселени“ (Displaced) е насловот на изложбата на Тања Балаќ која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Музејот на Македонија во Старата скопска чаршија. Поставката содржи дела создадени во последните три години, а ќе ја отвори историчарот на уметност и ликовен критичар, Кирил Пенушлиски.
– Displaced претставува своевидно надополнување на претходниот циклус, суптилно претставувајќи се во новите дела. Авторката уште еднаш се занимава со темите за бегалската и мигрантската криза, осврнувајќи се на ксенофобичната реторика присутна во многу мејнстрим медиуми. Во обидот да се создаде сеопфатна слика за овој глобален проблем, таа отвора многу прашања, но истовремено ја повикува јавноста на заедничка потрага по можното решение – пишува во најавата за изложбата.





