Во Младинскиот културен центар во Скопје денеска во 17 часот почнува 3. издание на меѓународниот фестивал на деветтата уметност „Стрип трип“. Главен гостин на фестивалот е реномираниот стрип-автор Рајнхард Клајст од Германија, познат во светски рамки со графичкиите биографии за Дејвид Боуви, Ник Кејв и Џони Кеш, како и графичките романи „Боксерот“ и „Олимписки сон – Приказната за Самија Јусуф Омар“. Клајст ќе настапи на „Стрип трип“ со изложба, панел-дискусија, цртачка сесија и уникатен цртачки перформанс со музичка придружба од Мартин Џорлев, Виктор Стојановски и Марко Печеновиќ. Меѓународни гости на фестивалот се и реномираните стрип-автори Марко Дјешка од Хрватска, Марко Стојановиќ од Србија и Гани Сундури од Косово.
Македонски претставници на фестивалот се Александар Сотировски, Смиле Цветановски, Давор Драмиќанин, Наташа Андонова, Филип Алексовски, Матеј Богдановски, Симон Калајџиев и Стефан Николовски. На писателот и теоретичар Томислав Османли ќе му биде врачена наградата „Македонско стрип наследство“ со која се препознава неговиот придонес кон македонското стрип-творештво. Во текот на фестивалот ќе бидат објавени и победниците на конкурсот за најдобар краток стрип кои ќе се стекнат со различни финансиски и други награди.

Програмата на „Стрип трип“ вклучува три одделни изложби со стрип-табли и илустрации на гостите и учесниците, а ќе се одржат и низа панели и презентации на некои од најновите домашни и регионални стрип изданија. Фестивалот вклучува и работилница за цртање стрипови со Здравко Гиров, цртачка „џем“ сесија со сите гости, поткаст во живо со Дебели Гикови, и низа други интерактивни искуства. Ќе бидат прикажани и долгометражниот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски и кратките анимирани филмови на Марко Дјешка. Диџеј сетовите на Костадин Шурбановски-Шурбе и Владимир Благојевиќ-Владодлак ја заокружуваат мултимедијалната програма. Повеќе детали и саатници се достапни на Фејсбук и Инстаграм профилите на „Стрип трип“.
Покрај редовната програма, на 7 и 8 јуни од 12 часот ќе се одржи стрип берза на платото на МКЦ на која ќе учествуваат следните издавачки куќи и продавачи на стрипови и друга графичка литература: Бункер, Макстрипови, Стрип квадрат, Арс ламина, Темплум, Флип бук букс, Артконект, Гаврош, Катран комикс, Парагонс комикс, Крипто комикс, Жарко Миловановиќ – Жбрц. Фестивалот се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам, Град Скопје и Општина Центар. Спонзори на настанот се Гете Институт, Скопско Смут и Арс Ламина. Ко-оргиназатори на фестивалот се МКЦ, стрип книжарницата и издавач „Бункер“, здружението за промовирање на стрип културата „Макстрипови“, издавачката куќа „Стрип квадрат“, и поддржувачи на македонската стрип сцена како „Комикс МК“, „Парагонс комикс“ и „Катран комикс“. Фестивалот ќе биде отворен за сите посетители.
Насловна фотографија: Дело на Рајнхард Клајст





