Рацин – најчесното и најчеститото нешто што го имаа Македонците меѓу двете војни

Книгата „Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943)“ од проф. д-р Горан Калоѓера ќе биде промовирана вечерва во 19 часот, во изложбениот салон „Империјал 2“ на Културно-информативниот центар во Скопје

„Рацин е мојот научен предизвик за кого, уште како млад научник, се обидов детално да го реконструирам престојот во Хрватска и неговите дружења со истакнати антифашисти, писатели, уметници и политички другари“, вели хрватскиот лингвист и македонист Горан Калоѓера во уводот на книгата „Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943)“. Книгата ќе биде промовирана вечерва во 19 часот, во изложбениот салон „Империјал 2“ на Културно-информативниот центар во Скопје. Превод од хрватски на македонски јазик е на Славчо Ковилоски, кој е и автор на предговорот, а изданието е на „Македоника литера“. За книгата ќе зборуваат проф. д-р Славчо Ковилоски и Нове Цветаноски, уредник на изданието.

Датумот на промоцијата се совпаѓа со денот на излегувањето од печат на првото издание на книгата на Кочо Рацин „Бели мугри“, односно со 85-годишнината од објавата на оваа знаменита книга за современата македонска литература (на 25 ноември 1939 година, во Самобор, Хрватска). Во воведниот дел проф. д-р Горан Калоѓера пишува за Рацин како интелектуалец, поет, романсиер, публицист, критичар, полемичар, собирач на усно народно творештво, односно за неговата биографија, за неговото место и поврзаност со хрватската култура и со Хрватска воопшто. Главниот дел од книгата е анализа на публицистичкиот опус на Рацин, неговата проза, поезијата (песни на хрватски/српскохрватски јазик), култната книга „Бели мугри“, песните на Рацин надвор од збирки и поетски циклуси, како и збирката народни песни што ја подготвил Рацин пред неговата смрт во 1943 година. На крајот од книгата авторот дава заклучен осврт. Ова е втора книга на Калоѓера за Коста Солев Рацин, првата е напишана на почетокот на неговата научничка дејност.

– Ретко кој македонски поет привлекол толку внимание кај теоретичарите, книжевните историчари и филолозите како Рацин. Рацин беше карпа, брана, првоборец во уметничкиот израз на мајчиниот јазик, потпора и надеж за многумина, пример за идеален револуционер и на крајот жртва. Беше човек-визија, предвидел многу историски настани, кои за жал станаа вистина. Тој беше најчесното и најчеститото нешто што го имаа Македонците во периодот меѓу двете војни – пишува Калоѓера за Рацин.

Во предговорот Славчо Ковилоски пишува дека „Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943)“ е силно, експресивно, набиено со емоции, но и остварување коешто дава одлична слика за времето во кое живеел Рацин, како и за неговата личност.

– Изнесените анализи и синтези се и тоа како добредојдени за пошироката македонска читателска јавност, а со сигурност ова важи и за хрватските читатели. Всушност, авторот гради уште еден мост на поврзување помеѓу Македонците и Хрватите, во негов препознатлив стил. Тој е директен при соопштувањето на своите согледби и ставови и тоа му дава посебна тежина, убавина и читливост на книгата. На крајот, Калоѓера завршува со констатацијата дека без разлика на временската дистанца и релативно скромниот опус на Рацин, тој и понатаму останува најпознатиот македонски писател во Хрватска. А Калоѓера е еден од најпознатите современи македонисти, не само во Хрватска, туку и во европски рамки – вели Ковилоски.

Горан Калоѓера (Дубровник, 1951) е надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите, надворешен член на Друштвото на писателите на Македонија и почесен доктор (doctor honoris causa) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На Универзитетот во Риека ги извршувал функциите декан на Педагошкиот и на Филозофскиот факултет и проректор за настава и меѓународна соработка. Во периодот од 1980 до 1990 година бил прв предавач на курсевите по Македонска книжевност и Македонски јазик на Педагошкиот факултет во Риека. Основач е и раководител на Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Риека. По професија е дипломиран кроатист (јужнославист) и компаративист. Докторирал на тема македонско-хрватски и хрватско-македонски книжевни врски и допири на Педагошкиот факултет во Риека.

Впечатлива е стручната и академската биографија на Калоѓера, кој првенствено се занимава со книжевното наследство, историјата на книжевноста, риечката литература и секако македонската литература. Тој е меѓу најистакнатите македонисти во Хрватска и на Балканот. Објавил 32 книги на книжевно-историски теми, како и стотина научни и стручни трудови од областа на јужнословенската компаратистика. Од неговите македонистички трудови значајни се: „Јужнословенски книжевни проткајувања“ (1991), „Хрватско-македонски книжевни врски“ (1988), „Рацин во Хрватска“ (2000), „Компаративни македонско-хрватски студии“ (2000), „Препознавања“ (2004), „Браќата Миладиновци – легенда и стварност“ (2001), „Компаративни македонско-хрватски студии“ (2000), „Препознавања“ (2007), „Прилози за истражувањето на македонската книжевна историја“ (2009), „Македонскиот 19 век“ (2011), „Македонско-хрватски врски“ (2006), „Македонски теми без дилеми“ (2014), „Македонците во Приморско-горската жупанија“ (2016), „Македонски пријателства“ (2019). За неговиот придонес во афирмацијата на македонската литература, култура и јазик добил повеќе македонски награди, меѓу кои: Орден за заслуги за Македонија, Почесно „Рациново признание“ за 2005 година, Медал „Св. Климент“, почесен докторат (doctor honoris causa) на УКИМ. Калоѓера извесен период ја извршуваше функцијата почесен конзул на Македонија во Хрватска. По пензионирањето, е прогласен за професор емеритус на Универзитетот во Риека. Калоѓера е докажан пријател на Македонија и голем поборник на научната вистина за Македонија, а како научник, славист и македонист ужива висок углед како во Хрватска, така и во Македонија.

Сподели