Во чест на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола организираше две значајни работилници, кои го потенцираат значењето на соработката меѓу академската заедница, медиумските професионалци, студентите и средношколците во зачувувањето и развојот на јазичната култура. Првата работилница, со наслов „Современиот македонски јазик во медиумите: Предизвици и перспективи“, се одржа во присуство на реномирани професори, новинари и ученици од гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Битола. Темите вклучуваа актуелни јазични прашања, влијанието на медиумите врз стандардизацијата на јазикот и улогата на социјалните мрежи. Посебен акцент беше ставен на предизвиците со кои се соочуваат младите при употребата на македонскиот јазик во дигиталната ера.

Медиумските професионалци Жанета Здравковска (ЗНМ), Дивна Грданова Краџовска, Стево Башуровски и Сашо Ристевски, заедно со академскиот кадар предводен од проф. д-р Виолета Јанушева од Педагошкиот факултет и проф. Рената Петревска Нечкоска, академска раководителка на УКЛО КОЛОРС ја нагласија потребата од постојана едукација, критичко мислење и јазична писменост кај младите.
Истовремено, преку активностите на дебатниот клуб УКЛО КОЛОР АргументУм, студентите и средношколците се вклучуваат во отворени дискусии, анализи и креативни пристапи кон прашањата за јазикот, медиумите и идентитетот.

Оваа соработка не само што ја зближува академската и средношколската заедница, туку и создава заедничка визија за иднината на македонскиот јазик. УКЛО останува посветен на промоцијата и зајакнувањето на македонскиот стандарден јазик, преку инклузивни настани кои ја поттикнуваат младата генерација да биде свесна за својата јазична одговорност.





