„Автостоперски водич за креирање на планински документарни филмови“ е насловот на отворената, едукативна и интерактивна дискусија за процесите на снимање и продукција на планински документарни филмови, ќе биде организирана утре од 16.30 часот во Џебното кино на Младинскиот културен центар. Работилницата е во рамките на ЕХО – Фестивалот на планинскиот филм.
Оваа ќе биде прва од неколкуте сесии што ќе следат и ќе претставува вовед во подолг процес на работа во групи и запознавање со целиот процес на продукција на документарен филм, од идеа до реализација. Краен производ треба да бидат комплетни кратки документарни филмови, под менторство на искусни филмски работници.
Сесиите ќе ги водат Илија Тирицовски, филмски и ТВ-продуцент и Игор Христов, филмски режисер.
Сите заинтересирани може да се пријават на следната адреса: filmskarabotilnica@ehofilmfest.mk.
Илија Тирицовски е филмски и ТВ продуцент кој живее во Скопје и работи на развој и продукција на ТВ серии, анимирани, играни и документарни филмови. Неговата скорешна филмографија вклучува продукција на краток документарен филм „Сите Ќе Умреме“ [2020] на Сашко Потер Мицевски (со премиера на МакеДокс), „Соло Мод“ [2021] на Тамара Котевска (со премиера на Сараево Филм Фестивал), како и ко-продукција на нејзиниот долгометражен филм „Патување Пеш“ [2023] (со премиера на DOC NYC). Алумни е на MIDPOINT Institute, Torino Film Lab, BelDocs Industry Days, освојувал награди на European Short Pitch, Industry@Tallinn& Baltic Event, Evia Film Project by Thessaloniki Film Festival, како и CineLink Drama на Sarajevo Film Festival. Моментално работи на развој на документарен и игран филм, како и предпродукција на краткиот игран филм „Големата Ноќ“.
Игор Христов е македонски филмски режисер и пасиониран фотограф. Има дипломирано на Националната филмска академија во Софија на тема „Естетика на магичниот реализам во кинематографијата“. За време на студирањето тој има можност да снима три кратки филма на 35милиметарски филм кои подоцна беа поканети и наградувани на бројни меѓународни филмски фестивали. Негова инспирација се социјалните теми во општеството, но и чистите природни пејзажи.
Работилницата е подржаната од Europe House Скопје.





