За основните техники на игра со кукла пред камера, кратко предавање/работилница ќе одржи мексиканскиот актер Арон Хернандез Фарфан во КСП „Центар Јадро“ во Скопје. На работилницата што ќе се реализира на англиски јазик, можат да се пријават 20 учесници, на следната имејл-адреса mi8film@gmail.com.
Работилницата е наменета за актери, куклари, театарски, филмски и ТВ режисери, продуценти, креатори на дигитални содржини и сите други заинтересирани. Ќе се учи за: куклена поза, фокусирање на камера, липсинг, претставување на основните емоции, мониторинг и скрипта, вокална карактеризација, куклена интеракциа, импровизација, прашања и одговори.
Арон Хернандез Фарфан е роден во Мексико Сити на 17 септември 1974 година. Студирал глума на „Núcleo de Estudios Teatrales (1992-1994) и историја на Националниот автономен универзитет во Мексико (2005-2009). Како актер играл во повеќе театарски продукции. Како режисер се издвојуваат неговите продукции: „Осамениот запад” од Мартин Мекдона, „Ластмар“ од Карлос Валенсија, „Месечината“ од Хаиме Шабо, „Замрзнато“ од Браони Лејвери, „Парчиња од Апокалипсата“ од Мартин Лопез Бри, „За Алисија“ од Барбара Колио, „Гурмански убиства“од Едгар Алварез Естрада и „Твојот сигурен слуга, Орсон Велс“ од Ричард Франс. Како куклар, тој има работено со компанијата „Marionetas de la Esquina” и се специјализирал за телевизиско кукларство и е дел од кастот во мексиканските телевизиски куклени шоуа „Hechos de peluche”, „Cero cero”, „Los peluches” и „Once Niñas y Niños”.





