Во Чифте амам во Старата скопска чаршија утревечер во 19 часот ќе биде отворена самостојна изложба на дела од Сафет Спахиу. Под наслов „Пурпурна имагинација“ тој ќе се претстави со педесет дела од последниот циклус на слики изработени во комбинирана техника. Изложбата ќе ја отвори директорот на Национална галерија на Македонија, Али Синани. Кустос на изложбата е Маја Крстевска.

– Во овој циклус, авторот користи јаки контрасти со потези во полутонови и големата желба да се избегне, да се одмине денешницата. Тоа на гледачот му овозможува чувство на контакт со делото, како и допир со радоста на неговото творештво. Патем уметникот ни ја демонстрира својата чиста сведеност на необични, имагинарни и поетски слики, како и уметничката посветеност која води, пред сè, кон синтеза врз сопствените искуства. Со својата современа интерпретација и со интензивната употреба на различни вредности во преминот на колоритот кон пурпурната боја, Спахиу постигнува рамноправен уметнички и стилски сроден импакт – вели Крстевска.

Сафет Спахиу (1960, Призрен) дипломирал на Факултетот за уметности при Универзитетот во Приштина, на отсекот графички дизајн, во класата на проф. Шиќри Нимани, каде завршил и постдипломски студии. Тој е редовен професор на Државниот универзитет во Тетово. Автор е на повеќе самостојни изложби, а учествувал на колективни изложби во земјата и странство. Изложбата во Чифте амам ќе биде отворена до 24 ноември.





