Оваа изложба е само почеток на еден подолготраен проект, моја лична иницијатива за откривање на сите значајни ликовни дела од белградските приватни колекции. Циклусот „Репрезентативен пресек на македонските ликовни уметници во белградските колекции“ го почнуваме со 14 дела од колекцијата на Игор Станковиќ, кои се од непроценлива вредност за македонската историја на уметност, бидејќи во најголем дел ретко или никогаш не биле изложувани досега, рече Васко Шутаров, директор на македонскиот Културно-информативен центар во Белград на отворањето на изложбата која е вистинска реткост денес. Делата се од приватната колекција на слики на Игор Станковиќ, за кои македонската стручна и ликовна јавност малку знае, зашто повеќето од нив ретко или никогаш не биле изложувани во Македонија.

Васко Шутаров и Зоран Љутков (десно)
На отворањето присуствуваа многу гости. Изложбата ја отвори министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
– Делата на Папрадишки, Личеноски, Мартиноски, Чемерски, Мазев нè обединуваат во прекрасниот свет на ликовната уметност. Тие им припаѓаат на автори чии имиња одамна ја обележале нашата уметничка мисла, уметници кои со својот поетски јазик, својата тишина и својата смелост ги надминале границите на времето и просторот. Вечерва не откриваме само изложба на уметнички слики, туку и фрагменти од креативниот дух кој струи низ нашите две земји. Вистинското богатство на уметноста не лежи само во институциите и музеите, туку и во домовите на љубителите што со голема почит ги чуваат овие дела – рече Љутков.

Љутков и Игор Станковиќ (десно)
Тој изрази благодарност до Станковиќ за неговата стручност, љубов и посветеност во зачувувањето на македонската ликовна традиција.
Шутаров најави дека следната изложба ја планираат за крајот на април 2026 година, кога ќе се служи ретроспектива на 20-на дела од Петар Мазев од неколку приватни белградски колекции на слики.
– Но, во меѓувреме откриваме и други колекционери и љубители на уметноста кои поседуваат дела од основоположниците на македонската ликовна уметност и веќе договараме нивна презентација – вели тој.

Во каталогот за изложбата, историчарката на уметноста, Викторија Васева Димеска, пишува:
– Сè поголемата отвореност на приватните колекции и нивната достапност е од непроценлива помош при евидентирањето на делата, датирањето, споредбите, особено за можноста тие да бидат изложени на проблемски, тематски, монографски изложби. Тоа е и голем придонес во проучувањето на историјата на уметноста на одредена почва. Излагањето на збирките во приватни аранжмани, ги отвори вратите и ја проблематизира потребата од нивното презентирање и во државните институции. Секако, овој транспарентен начин на соработка со богатствата што се под закрила на приватните амбиенти, дава можност да се откријат, пронајдат, непознати податоци кои можат да предочат одредени пропусти или некои поместувања во постоечките теоретизирања – вели таа.





